Претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу денеска му го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис по вчерашната победа на партијата на парламентарните избори, но се очекува уште попладнево тој да го врати со оглед на тоа дека нема доволен број пратеници за еднопартиска Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Извори од грчката Влада брифираат дека Мицотакис веројатно телефонски попладнево ќе ја информира Сакеларопулу за неможноста да формира Влада и на тој начин да ѝ го врати мандатот.
Грчкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека, со конечното пребројување, Нова демократија би можела да освои 145 места во парламентот, шест помалку од апсолутното мнозинство. Сириза освои 72 места, ПАСОК 41 мандат, Комунистичката партија 26, а десничарската партија „Грчко решение“ 16 места.
Грчкиот претседател од денеска ќе им даде рок на првите три партии на изборите – Нова демократија, Сириза и социјалистичката ПАСОК – по три дена рок да формираат коалициска влада. Доколку партиите не можат да формираат влада, Сакеларопулу ќе назначи преодна влада за да се подготви за одржување нови избори, кои потоа треба да се одржат за околу еден месец, на крајот на јуни или почетокот на јули.
Грчкиот премиер и лидер на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, кој постојано изјавуваше дека сака силна еднопартиска влада, рече дека верува оти добил јасен мандат.
– Резултатите од гласањето се одлучувачки. Покажуваат дека Нова демократија има одобрение од народот да владее, силна и независна – изјави синоќа Мицотакис пред насобраните пред седиштето на партијата во центарот на Атина.
Лидерот на Сириза, поранешниот премиер Алексис Ципрас, уште синоќа му се јавил на Мицотакис и му ја честитал победата, јави грчката агенција АНА-МНП.