Доминантен дел од општините имаат генерални урбанистички планови (ГУП) чија формална важност е истечена уште пред 20 години, иако имаат обврска да ги менуваат секои 10 години. За разлика од застарените ГУП-ови, во општините за 5 години се донесени многу детални урбанистички планови (ДУП) и направени се многу нивни измени.
Ова го откри Центарот за граѓански комуникации во најновото истражување спроведено во 8 општини во кое се наведува дека општините немаат и доволен кадар во одделенијата за урбанизам, а инспекцискиот надзор е слаб што доведува до голем број дивоградби и неправилно управување со градежното земјиште.
– Најстар урбанистички план има општина Битола, донесен во 1999 година, кој во меѓувреме претрпел 8 измени, но сè уште не е донесен нов. Следна е општина Кичево, чијшто ГУП е стар 24 години, потоа Струмица (22 години), Тетово (21 година), а општина Куманово од пред 20 години. Генералниот урбанистички план на Општина Чаир е всушност оној на Град Скопје, кој е исто така со истечен рок на важност од 2012 до 2022 година – велат од Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето покажало и дека три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или на правни лица.
– Тоа значи дека е воспоставена пракса – планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор – велат оттаму.
Истражувањето покажало дека има нееднаков третман на барањата за градба.
– Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, што говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините, во определени случаи, може да бидат неправедно одолговлечени или, пак, да не е обезбеден воедначен третман на барателите – велат од Центарот.
Гледано на ниво на сите 8 општини, до нив во периодот 2018 – 2022 година се доставени 5.637 барања за градба, од кои одобрени се вкупно 3.750, а одбиени или повлечени 1.887 барања.
Сразмерно на добиените барања, најголем број одобрени барања имаат општините Тетово (1.073 одобренија за градба) и Битола (651 одобрение за градба), а по нив следуваат Куманово (591 одобрение за градба), Кичево (515 одобренија за градба), Струмица (413 одобренија за градба), Неготино (232 одобренија за градба), Штип (156 одобренија за градба) и Чаир (119 одобренија за градба).
Воочени се проблеми и во легализацијата на бесправни објекти.
„Барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата“, се наведува во извештајот.
Вкупниот број на поднесени барања за легализација на објекти во осумте општини, според добиените податоци од нив, изнесува 13.338. Барањата за легализација на објектите се добиени во 2018 година, но и покрај тоа се далеку побројни од барањата за одобренија за градба добиени во петгодишниот период. Најголем број на барања за легализација има во Тетово, Куманово и во Чаир.
Според истражувачите, бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор.
– Наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација, и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба – велат тие.
Од Центарот за граѓански комуникации велат дека општините имаат проблеми и со кадарот во одделите за урбанизам.
– Пополнетоста на работните места во организациските единици за урбанизам просечно изнесува 62 %, а во половина општини не е назначен раководител на организациската единица надлежна за урбанизам. Ова значи дека не е воспоставена целосна и ефикасна контрола и воедно се зголемува можноста за поголеми влијанија на градоначалниците, кои ја добиваат можноста на функцијата да овластат блиски лица – велат оттаму.
Најголем недостиг на вработени на овие позиции постои во општините Тетово, Неготино и во Чаир, каде што најмалку половина од систематизираните работни места се непополнети. За разлика од овие општини, Општина Штип има предвидено само едно работно место, на кое работат два извршители.
Целта на истражувањето била да се мапираат актуелните практики во однос на просторното планирање и издавањето на одобренијата за градење. Истражувањето е поттикнато од ризикот од корупција во текот на процесот, којшто ја наметнува неопходноста од анализирање на постоечките практики, детектирање на проблемите и изготвување соодветни препораки со цел зголемување на транспарентноста и интегритетот на овие процедури.