Најмалку три лица загинаа, додека повеќе лица се повредени во тешката автобуска несреќа што се случи на патот Цетиње – Будва во Црна Гора. Автобусот излетал од патот на релација Обзовица – Брајиќ, пренесуваат црногорските медиуми.
На терен се шест возила на брза помош и припадници на специјалните полициски единици.
Од Службата за заштита и спасување во Будва за Вијести велат дека испратиле три возила со пожарникари, бидејќи има многу повредени.
На екипите на бразата помош, лекарите и медицинскиот персонал на Клиничкиот центар, како и на болницата во Цетиње, им е дадена препорака сите екипи да бидат подготвени да ги примат повредените.
„На магистралниот пат Цетиње – Будва се случила сообраќајна незгода, при што автобусот „Паповиќ“ слетал од коловозот. На лице место се сите расположливи единици на Полициската управа, итната медицинска помош и Управата за вонредни состојби“, соопштија од црногорската полиција.