Во германската покраина Баварија денеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку седум лица, неколку лица се повредени, меѓу кои и деца. Според полицијата, комбето кое требало да превезува дезертери сакало да ја избегне полициската патрола, па излетало од патот.
Несреќата се случила на германскиот автопат А94 во близина на австриската граница. Комбето во кое имало повеќе од 20 патници го привлекло вниманието на полицијата и возачот на комбето потоа нагло забрзал за да го избегне.
Седум лица загинаа, останатите, меѓу кои и деца, главно се полесно повредени, додека некои се здобиле со посериозни повреди. Патниците веќе се пренесени во околните болници, а автопатот кон Минхен засега е целосно затворен. Во меѓувреме, Државното обвинителство соопшти дека покренало истрага.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во септември најави дека Германија ќе ги засили полициските контроли на рутите кои често ги користат шверцерите. На потребата од дејствување на полето на миграциската и политиката за азил веќе неколку месеци укажуваат многу германски покраини и општини, кои исто така известуваат за недостиг на сместување за се поголемиот број луѓе кои сакаат да останат во Германија.