На југот на Германија во петокот се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и шестгодишно дете, а станува збор за бегалци кои се наоѓале во комбе кое се обидувало да ја избегне полициската контрола.
– Најмалку седум лица, меѓу кои и шестгодишно дете загинаа во несреќата што се случи рано изутрината на автопатот А94 кај Ампфинг во Баварија, соопшти полицијата во Баварија.
Во комбето „мерцедес вито“, кое било регистрирано за најмногу девет лица, во моментот на несреќата имало 23 лица. Сите луѓе во комбето се сириски и турски државјани. Како што дополнително соопшти полицијата, возачот е жител на Австрија без државјанство против кого е покрената истрага за убиство.
Возачот на комбето откако ја видел полициската придружба, забрзал и по кратко време изгубил контрола над возилото кое неколку пати се превртело. Повеќето од патниците во возилото не носеле појаси.
Граничните премини меѓу Германија и Австрија се контролирани од мигрантската криза во 2015 година, а контролите се спроведуваат и по влегувањето на германска територија.
Германија бележи нагло зголемување на илегалните преминувања на границите и барањата за азил од почетокот на годината. Германскиот канцелар Олаф Шолц свика кризен состанок за петок навечер, на кој со опозициската Унија ЦДУ/ЦСУ треба да се разговара за можностите за намалување на илегалниот влез во земјата.