Најмалку две лица се убиени во ракетни напади рано утринава во јужниот украински град Запорожје, изјави регионалниот украински гувернер, јавува Би-Би-Си. Седум руски проектили погодиле згради и цивилни цели. Точната бројка на жртви уште не е позната.
„Една жена почина. Друга почина во амбулантно возило“, пишува Олександр Старук на апликацијата за пораки Телеграм.
„Најмалку 5 лица се под урнатините на зградите. Многу луѓе се спасени. Меѓу нив има и тригодишно девојче, детето е згрижено. На местото на настанот во тек е спасувачка операција“, продолжува објавата.
Старук претходно напиша дека проектилите ги погодиле станбените згради пред зори, предизвикувајќи пожари и „значително уништување“. Тој ги повикува луѓето да покажат „максимална претпазливост“, велејќи дека постои „голема веројатност за повторени ракетни напади“.
„На широката авенија среде градот, спасувачите ги чешлаат искршените остатоци од елегантна петкатна станбена зграда. Врвови чад се издигнуваат на раното утрински небо. Преку улицата се расфрлани стакло и шут. Продавниците отспротива се уништени“, пишува известувачот за Би-Би-Си.
„Во близина најдовме пожарникари како гаснат пламен во тлеечките остатоци од куќата на мала, тивка улица. Соседите изјавија дека една жена починала на пат кон болница“, се додава во написот.
Овие напади доаѓаат во време кога украинската армија постигна драматичен напредок на два фронта, на исток и на југ. „Но, сцените како оваа во Запорожје служат како уште еден остар потсетник за способноста на Русија да возврати неселективно“, вели репортерот на Би-Би-Си.
Украина ја обвинува Русија за нападот за кој допрва ќе се коментира.