Најмалку девет лица загинаа откако циклон Ситранг го погоди брегот на Бангладеш, соопштија денеска властите во оваа азиска држава, пренесе ДПА.
Циклонот исече и искорна дрвја и столбови за електрична енергија, а водата ги преплави пониските области околу брегот.
Тројца членови на едно семејство, вклучително и четиригодишно дете, загинаа кога дрво паднало врз нивната куќа, во Нанголкот, во областа Кумила, на повеќе од 100 километри југоисточно од главниот град Дака, изјави претставник на локалната власт Рајхан Мехбуб.
Една жена починала откако гранка од дрво паднала врз неа во југозападниот кварт Нараил. Во меѓувреме, еден маж загинал во Дака кога врз него се урнал ѕид од тули, додека две лица загинале откако нивниот мал брод се превртел во реката Џамуна, во северозападниот округ Сирајган, соопштија официјални лица.
Властите соопштија дека бурата во одредни региони на островот опустошила огромни полиња со земјоделски култури, а откорнати се и многу дрвја и електрични столбови.
Повеќе од 300.000 жители на крајбрежјето беа евакуирани од владата пред налетот на циклонот, додава германската агенција.