Украинската влада воведува нови пензиски одредби кои би можеле да доведат до повлекување на милијарди гривни од пензиските сметки, пишува „Економска правда“ (ЕП).
Весникот го проучуваше предлог-Буџетот за 2025 година што беше усвоен од Кабинетот на министри на 13 септември, а кој минатата недела беше претставен во парламентот.
Во него се планира да се намалат социјалните трошоци, за повеќе од 10%, или околу 1,2 милијарди долари, првенствено со намалување на субвенциите за пензискиот фонд на Украина.
Според весникот како спорна одредба е таа со која се обврзува Ошадбанк, финансиската институција која управува со пензиските сметки во Украина, да ги префрли средствата од сметките што немале никаква активност во изминатите 12 месеци назад кон владата.
Дополнително, владата предлага конфискација на средствата од сметките на раселените пензионери кои го пропуштаат рокот за „физичка идентификација“ повеќе од 6 месеци. Внатрешно раселените пензионери или оние кои живеат во странство треба да го потврдуваат својот статус секоја година. Во спротивно, тие ризикуваат да ги загубат исплатите.
Ошадбанк не го коментира бројот на засегнати сметки на пензионери и вкупната сума што може да биде запленета.
Министерството за финансии ја проценува оваа сума на најмалку 275 милиони долари, според ЕП.
Според Министерството за социјална политика на Украина новата одредба првенствено ќе влијае на оние кои добиле статус на внатрешно раселени лица пред февруари 2022 година.