Најмалку 23 лица загинаа во експлозија во фабрика за огномет во провинцијата Суфанбури во централниот дел на Тајланд, соопштија спасувачките екипи.
Инцидентот се случил во провинцијата Суфан Бури, околу 120 километри северно од Бангкок, пренесува АП. Засега не се пронајдени преживеани во фабриката, а причината за експлозијата се уште се истражува.
Канцеларијата на тајландскиот премиер објави видео снимка на која регионалниот полициски командант по телефон му кажува дека во фабриката во моментот на експлозијата имало од 20 до 30 работници.
Во ноември 2022 година, во истата фабрика се случи силна експлозија, во која еден работник загина, а тројца беа тешко повредени.
Фотографиите објавени од спасувачите покажуваат дека областа била срамнета со земја од експлозијата.
Слична несреќа се случи во јули минатата година на југот на земјата во Сунгаи Колок. Таму во експлозија на магацин со пиротехнички средства загинаа десет лица, а повеќе од сто беа повредени.
Во Тајланд главно не се почитуваат основните безбедносни правила, што резултира со слични несреќи со човечки жртви во последните неколку години.