Околу 200 милиони Американци ги трпат последиците од жестоката зимска бура во која загинаа најмалку 19 луѓе пред празничниот викенд.
Повеќе од 1,5 милиони луѓе останаа без струја, а илјадници летови беа откажани во петокот.
Огромното невреме се протега на повеќе од 3.200 километри од Тексас до Квебек, јавува Би-Би-Си.
Бомбашки циклон, кога атмосферскиот притисок ненадејно паѓа, предизвика појава на виулици во близина на Големите езера на границата меѓу САД и Канада.
Во Канада, Онтарио и Квебек го поднесоа најголемиот товар на временските услови, а стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија.
Предупредување за екстремно студено и зимско невреме е издадено за голем дел од остатокот од земјата, од Британска Колумбија до Њуфаундленд.