Украинските власти соопштија дека најмалку 17 лица загинале, а 32 се повредени во руски напад на преполн пазар во источниот град Костијантинивка што се случил денеска, пренесува „Гардијан“.
Министерот за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека операцијата за пребарување и спасување во Костијантинивка е завршена, пренесува Ројтерс.
– До 18:00 часот (15:00 часот по Гринич) 17 лица загинаа, а 32 се повредени како резултат на руското гранатирање – изјави Клименко.
Сепак, како што посочува агенцијата, податоците за бројот на загинати и повредени треба допрва да бидат независно потврдени.
Претходно, во објава на Телеграм, украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, во кој, како што рече, меѓу загинатите е и едно дете, а многу други се повредени.
Зеленски во објавата рече дека пазар, продавници и аптека биле погодени во источниот град блиску до бојното поле и на околу 30 километри од градот Бахмут, каде што со месеци се одвиваат тешки борби.
„Руската терористичка артилерија уби 16 луѓе во градот Костјантинивци, во областа Доњецк. Обичен пазар. Продавници. Аптека. Луѓе кои не направиле ништо лошо. Многу ранети. Ова руско зло мора да биде поразено што е можно поскоро“, напиша Зеленски.
Според последните информации во нападот се уништени дваесетина дуќани, а оштетена е и една станбена зграда. Целосно изгореле неколку автомобили.