Најмалку 11 лица се повредени во серија руски напади врз градот Запорожје во јужна Украина, соопшти денеска украинската спасувачка служба.
Регионалниот главен град беше цел на повеќе „големи воздушни напади“ во зори, соопшти службата.
Како што е наведено, во различни населби на градот биле тешко оштетени, а на терен се 42 спасувачи.
„Според прелиминарните податоци, бројот на повредени достигна 11“, соопшти украинската спасувачка служба, според која спасувачките операции сега се завршени.
Една жена извлечена од урнатините е пренесена во болница.
Регионалниот гувернер Иван Федоров претходно изјави дека шест лица се повредени, двајца мажи и четири жени.
Официјални лица рекоа дека руската војска десет пати го нападнала градот Запорожје, уништувајќи катна зграда и неколку куќи.
Шефот на администрацијата на украинскиот претседател, Андриј Јермак, на социјалните мрежи брзо го осуди новиот руски напад чија цел е тероризирање на цивилното население.
Тој повторно ги повика западните сојузници на Киев да обезбедат повеќе оружје за пресретнување на ракетите кои доаѓаат од Русија и да воведат ефективни економски санкции против рускиот воено-индустриски комплекс за да извршат поголем притисок врз Москва.
Русија го анектира јужниот украински регион Запорожје во 2022 година, иако не го држи целиот регион под своја контрола.
Главниот град со исто име, кој се наоѓа на реката Днепар, се уште е под контрола на Киев, но е честа мета на напади.