Најмалку 108 полицајци беа повредени вчера во Франција, од кои 20 во Париз, на собирите по повод Меѓународниот ден на трудот, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин, додавајќи дека 291 лице се приведени низ целата земја, од кои 90 во главниот град.
Таков број повредени припадници на безбедносните сили „на 1 Мај е исклучително редок“, додаде министерот за внатрешни работи, кој „најостро го осуди насилството“.
– Полицаецот кој беше погоден со молотов коктел во Париз има изгореници по лицето и рацете, но неговиот живот не е во опасност – изјави Дарманин.
Вчера, неколку стотици илјади луѓе низ Франција учествуваа на првомајските поворки, кои беа обележани со протести на обединетите синдикати против пензиските реформи. Генералниот секретар на синдикатот ЦГТ Софи Бине рече дека е многу задоволна од „големиот одѕив што ја покажува решителноста да се постигне повлекување на пензиската реформа“, а нејзиниот колега од ЦФДТ Лоран Бергер ја пофали „големата мобилизација“ на 1 мај.
Иако одѕивот беше далеку од рекордното ниво на крајот на јануари, кога, според проценката на МВР, на улица излегоа речиси 1,3 милиони луѓе, годинашниот празник на трудот успеа да собере поголем број луѓе од вообичаеното, по 12 дена протести.
ЦГТ проценува дека на митингот во Париз учествувале околу 550.000 луѓе и 2,3 милиони во цела Франција.
Во Париз јавниот ред и мир го одржуваа 5.000 полицајци, а поворката започна во 14 часот по средноевропско време, со учество на синдикалци од целиот свет.