Пад на индустриското производство од 6,5% во јуни, бележи Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во јуни годинава во однос на ланскиот јуни бележи опаѓање од 9,5 %, во секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 4,2 %, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 16,7 %.
Намалувањето на производството има во 10 индустриски сектори во рамки на преработувачката индустрија кои се главно извозници.
Најдрастично намалување на производството има во секторот производство на тутунски производи од 43%, додека најголем раст на производството од 20,6% има во секторот печатење и продукција на снимени
медиуми (записи).
Компании кои произведуваат текстил на годишно ниво го намалиле производството за 9,8%, а оние кои произведуваат облека за 19,8%. Намалено производство имаат и компаниите кои произведуваат хартија и производи од хартија, производство на хемикалии и хемиски производи. Интересно е и тоа што е намалено производство и во секторот производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати каде што намалувањето е за 15,3%, потоа во секторот производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема за 35,1%, но и во секторот за производство на моторни возила, приколки и полуприколки за 3,6%. Помало производство има и во секторот поправка и инсталирање на машини и опрема како и во секторот кој произведува компјутерски, електронски и оптички производи за 37,2%.
Во преработувачката индустрија раст има само во секторот за производство на мебел, потоа во производството на пијалаци и во производството на гуми.
Според главните индустриски групи, производството во јуни 2024 година, во однос на јуни 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 13,7 %, Капитални производи за 11,0 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,1 %, бележи пораст кај Трајни производи за широка потрошувачка за 13.6 %, додека кај Интермедијарни производи, освен енергија е на исто ниво.
Индустриското производство во периодот јануари – јуни 2024 година, во однос на периодот јануари – јуни 2023 година бележи пад од 5,1%.