Полскиот енергетски оператор PERN објави дека е откриено истекување на една од двете линии во западниот дел на нафтоводот Дружба, кој ја транспортира руската нафта во Европа, јавува Анадолија.
Нафтоводот Дружба, чие име на руски значи „пријателство“, е еден од најголемите во светот и го снабдува најголемиот дел од централна Европа со руска нафта.
Истекувањето било пријавено синоќа на една од двете линии во западниот дел, каде сурова нафта пристигнува во Германија, соопштија од компанијата.
Се наведува дека е прекинат протокот на нафта.
Најавено е и дека втората линија работи без проблеми и дека нема опасност по здравјето на локалното население.
Исто така, на терен се и противпожарни бригади и екипи за итни случаи на ПЕРН кои го обезбедуваат теренот, а истрагата за причините за инцидентот продолжува.
Од PERN изјавија дека санацијата на оштетениот дел од гасоводот е започната и дека протокот ќе продолжи на 8 август.
Преку Дружба дневно може да се транспортираат два милиони барели нафта. Во моментов се наведува дека количината на нафта што се транспортира дневно е околу 1,5 милиони барели.
Протокот на нафта низ нафтоводот Дружба нагло опадна од почетокот на руско-украинската војна, а инфраструктурата на нафтоводот неколку пати беше погодена од напади за кои Москва ја обвинува администрацијата на Киев, но Украина го негираше нападот.