Во последните денови стаорци ги напаѓаа рибарските села во северна Австралија, поради што жителите секое утро мораат да ги чистат плажите од купишта мртви глодари.
Стаорците постепено се доближуваат до брегот по исклучително дождливата сезона во внатрешноста на Австралија.
Овие мали цицачи стигнаа до Карумба и Нормантон во Квинсленд, каде напаѓаат домашни животни, се качуваат на чамци и влечат жици од автомобилите.
„Стаорците се насекаде… Тие се толку дрски што излегуваат преку ден“, изјави за АФП Дерек Лорд, 49-годишен жител на Нормантон, кој води компанија за изнајмување автомобили.
„Тие буквално уништија едно возило во текот на ноќта со извлекување на жиците“, додаде тој.
Стаорците го нападнаа и соседното село Карумба, популарно место за риболов.
Купишта мртви, удавени глодари се испуштаат на брегот секој ден, изјави Џема Проберт, сопственик на рибарски брод.
„Минатата недела ги имавме по плажите, некои живи, некои мртви… Локалниот совет ги чисти плажите секое утро, само за да се обиде да ги држи (стаорците) подалеку“, рече таа.
Во внатрешноста на Австралија, обилните дождови често се придружени со експлозија на популации на штетници како што се скакулци, стаорци и глувци.