Западниот дел на Венецуела се соочува со наезда на џиновски африкански полжави кои можат да пренесат менингитис на луѓето и да предизвикаат штета на посевите. Се верува дека наездата на овие полжави се должи на неодамнешните обилни врнежи во областа, предупредија локалните власти. Првите колонии на џиновскиот субсахарски полжав беа забележани на почетокот на ноември на брегот на езерото Маракаибо и неговата околина. Потоа полжави се појавија во другите соседни области. Локалните власти соопштија дека дневно на некои места се појавуваат од 350 до 400 полжави и додадоа дека за време на една двочасовна операција на собирање биле пронајдени 437 полжави. На социјалните мрежи се објавени предупредувања за полжави, а локалните власти ги координираат акциите за собирање на овие животни. Овој полжав, ценет во козметичката индустрија, е присутен во Венецуела од 1997 година, а жителите на оваа земја веќе еднаш во 2017 година се соочиле со наезда. Полжавите брзо се размножуваат, а освен што се штетници, можат да го загрозат и здравјето на луѓето бидејќи се носители на некои болести како менингитис. Во јули властите на американската сојузна држава Флорида издадоа предупредување за можна инвазија на џиновски полжави кои можат да пораснат и до 20 сантиметри во должина.