Надлежните институции водат предистрага за мобилниот оператор Лајкамобајл во врска со кражбите на пари од дебитните картички со кои корисниците на овој виртуелен оператор ги плаќале месечните пакети, дознава Плусинфо.
Лајкамобајл Македонија има околу 60.000 корисници на нивните услуги од мобилната телефонија. Деновиве повторно хакери им ги празнат картичките на граѓаните, откако во јуни, исто така, корисниците на Лајкамобајл беа оштетени.
Одговорните на Лајкамобајл Македонија се повикани на разговори за да се разјасни како дошло до тоа илјадници македонски граѓани во последниве месеци да бидат ограбени, некои за значителни, други за пониски суми пари, во зависност од тоа кој колку средства имал на картичката во моментот на кражбата.
Истрагата треба одговори дали Лајкамобајл е жртва на хакерски напад при кој се украдени податоците на корисниците, со кои потоа напаѓачите вршат онлајн плаќања насекаде низ светот, или пак е во прашање инсајдерска работа и потекнува од самата македонска компанија, односно, дали проблемот е глобален или локален.
Роварат со месеци
Скопјанка, која вчера по втор пат имала непријатно искуство, раскажува:
– Пред три месеци, во јуни, банката го намали мојот лимит за интернет-плаќања на 0 денари, како што ме информираа, за да ме заштитат од кражба на пари од мојата картичка која сум ја користела за плаќање на услугите на Лајкамобајл. Сопругот има картичка во друга банка, која не му го ограничи лимитот на 0 денари, па хакерите му повлекоа 3.500 денари. Од мојата банка тогаш ме информираа дека податоците на Лајкамобајл се пробиени и на сите граѓани кои кога било ги користеле своите картички за плаќање кон овој мобилен оператор им е ограничен лимитот на 0 денари. Добив совет да извадам нова дебитна картичка и повеќе да не го користам Лајкамобајл. Тогаш во јуни јас извадив и втора нова картика, наменета само за интернет-плаќање кон Лајкамобајл, на која внесувам помала сума пари. Синоќа таа сума ми е украдена со различни плаќања насекаде низ светот. Имало обиди да ми повлечат и повеќе пари, но за среќа, на таа картичка имав само 2.000 денари. Една од трансакциите што се обиделе да ја направат е во износ од 406 евра, имаше обид за трансакција и со египетска валута, па во турски лири, американски и канадски долари, британски фунти итн. Дел од трансакциите биле наменети за плаќање кон социјалните мрежи Тикток и Телеграм.
На македонските форуми повеќе месеци се води дискусија за овој проблем.
– Системот на Лајкамобиле е пробиен од хакери при што ги имаат податоците од сите картички од кои е уплаќан кредит, без разлика од која банка се, па на тој начин во секое време можат да купуваат од сајтови каде сајтот не испраќа ОТП код на мобилниот број чија картичка е регистрирана во банка, па така корисникот ќе биде олеснет за одредена сума на сметката. Тоа значи дека штом од твојата картичка си платил кредит за телефонот, да не бидеш изненаден ако не дај боже од твојата сметка е уплаќано кон некој сајт од страна на непознат хакер, се разбира, доколку имаш пари на сметката – напишал корисник на еден популарен македонски форум во август 2024 година.
Илјадници оштетени за илјадници денари
На друг форум, корисник раскажува дека и тој и неговиот татко се оштетени на картичките кои ги користеле за плаќање на услугите на Лајкамобајл.
– Ист случај имал и татко му на мој другар, со картичката плаќале пакети на Лајка и кај нив пробале да им земат пари. На дедо ми хакерите му украле 10.000 денари од картичка со која е плаќано на Лајка. Бил и во полиција пријавил, а на изводот стоело дека парите уплатени во Виетнам. Не знам дали парите му се вратени, само знам дека картичката е блокирана и му изработиле нова. Сериозна е работава со Лајка и со нивниот систем – пишува кориснокот, исто така во август.
Од банките велат дека во светот не постои совршена заштита од хакерски напади и дека граѓаните треба многу да внимаваат каде ги уплаќаат своите пари, односно од какви сајтови купуваат. Колку и да ги штитат банките од злуопотреби, граѓаните се должни да се едуцираат и самите да внимаваат. Основно е да не оставаат податоци на сомнителни сајтови, да проверат дали има двофакторско автентицирање, да го проверат УРЛ-то на страницата, да прочитаат какви препораки има страницата од која сакаат да купат нешто итн.
Банките јавно ја посочија Лајкамобајл
Кога се случи првиот помасовен напад во јуни, во медиумите изјава дадоа од Комерцијална банка, во која потврдија дека за да ги заштитат од кражби, им ги намалиле лимитите на 0 денари на сите нивни клиенти кои плаќале кон Лајкамобајл.
– По добиени пријави од клиенти за злоупотребени картички, во согласност со редовните процедури на Комерцијална банка, направени се детални проверки и е констатирано дека сите злоупотребени картички имаат заедничко место каде што претходно биле користени, односно сите имале претходни плаќања на интернет кон Лајкамобајл. Банката ги сведе на нула дневните лимити за интернет-трансакции на картичките кои претходно имале плаќања кон оваа компанија, а клиентите непречено можеа да извршуваат плаќања на ПОС-терминал и да подигнуваат готовина на банкомат. Сите засегнати беа упатени да направат бесплатна замена на картичката заради безбедносни причини – изјавија тогаш од Комерцијална банка.
Во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) велат дека досега не добиле пријави од оштетените од овој оператор.
– Ги советуваме граѓаните да реагираат и да го пријават проблемот во ОПМ. Доколку се соберат над 20 пријави, ние сме овластени за групно поспапување и ќе настапиме пред надлежните институции – велат во ОПМ.
Оттаму објаснуваат дека компаниите се обврзани со закон да ги чуваат и да ги заштитат личните и сите други податоци на клиентите.
Во Агенцијата за електронски комуникации неофицијално велат дека се запознаени со проблемот и дека по приговорите од корсниците ги направиле проверките дали компанијата ги чува податоците според законските прописи. Утврдиле дека инфраструктурата на системот за заштита е добра и дека ги исполнуваат сите законски услови и прописи за да можат да ја вршат услугата онлајн-плаќање. Дозволите, пак, за онлајн плаќање ги издава Народната банка.
Операторот „не е од тука“
Во Лајкамобајл Македонија неофицијално велат дека досега кај нив не стигнала пријава од ниту една банка или која било друга институција во врска со хакерски напади на нивните корисници. Додаваат и дека освен онлајн, плаќањето кон нив може да се врши и со купување на пакетите на одредени физички продажни места.
На нивната официјална страница пишува дека како компанија што нуди производи и услуги преку интернет, ја разбираат важноста за безбедноста и затоа создале високобезбедносен систем за плаќање „за да ви осигуриме сигурност при вршењето на вашите онлајн плаќања и кога ни ги доставувате вашите лични податоци“.
– Безбедноста и заштитата од измами се многу важни за нас и се следат во сите делови на нашата веб-страница, каде што е применливо. Ние ја користиме технологијата Secure Sockets Layer SSL за да ги енкриптираме вашите детали кога тие се пратени од вашиот компјутер до нашиот систем. Лајкамобајл учествува во Verified by Visa и Mastercard secure code програмите, наменети за безбедност при онлајн купување – пишува на сајтот на Лајкамобајл.
За можен проблем со безбедноста на податоците на Лајкамобајл, кој е британски телекомуникациски гигант со компании во десетина европски држави и со милиони корисници, минатата есен пишуваа и британските медиуми, како и корсниците на британските форуми. Од британската компанија тогаш изјавиле дека сите податоци кои тие ги чуваат се енкриптирани.
креирана илустрација