Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
– Од она што го имавме како инфо дека две лица се на црната листа, по инфото формирав предметт, составив службена белешка од наводите во медиумите. Oтсега по предметот постапува Јавното обвинителство. Кој е давател на поткупот и сè останато сега ќе се истражува, предметот е заведен и е даден на обвинител – изјави Коцевски на брифинг со новинарите.
Американскиот Стејт департментот во понеделникот ги стави на „црна листа” поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети.
Предметот, како што информира Коцевски, е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела.
– Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание – истакна Коцевски на брифинг со новинарите.
Тој нагласи дека е одлична соработката на Обвинителството со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД.