Шпанскиот тенисер Рафаел Надал за побрзо санирање на повредата побарал помош од познатиот гуру од Индија Садгуру, чие вистинско име е Јагадиш Васудев.
Надал веќе извесно време не настапува поради тешката повреда на колкот што ја доживеаја на австралискиот Грен слем во јануари. Тој неодамна беше опериран и веќе подолго време отсуствува од тениските терени.
Шпанецот неодамна се сретнал со светски познатиот гуру Садгуру, кој учествува на форуми ширум светот и има и своја програма за јога која е распространета низ целиот свет. Двајцата поминале извесно време заедно, а гуруто ги извести своите следбеници на Твитер за средбата со шпанскиот тенисер. Се претпоставува дека тој му дал совети на Надал како побрзо да заздрави.
– Задоволство е да поминувам време со тебе драг Рафаел. Ти си вистинска инспирација за следната генерација спортисти. Твојата страст, сила и решителност нека светат во сè што правиш – напиша Садгуру.
Надал во средината на мај го шокираше светот со објавата дека следната година ќе биде последната година во која професионално ќе игра тенис. Тој нема намера да се враќа на турнирите додека неговото тело целосно не се опорави.
– Нема да одам на овој на Ролан Гарос. Нема да играм неколку месеци. Мојата намера е 2024 година да биде моја последна година. Морам да ставам крај на мојата спортска кариера. Ќе се обидам да го регенерирам моето тело. Нема да одредам датум за враќање. Кога ќе бидам подготвен, ќе се обидам да бидам таму – изјави неодамна Надал.
Во својата богата кариера, шпанскиот тенисер има освоено 22.Гранслем титули, повеќе од него има само Новак Ѓоковиќ кој ја прослави рекордната 23.титула. на годинашниот Ролан Гарос на кој Надал не настапи.