Легендарниот Шпанец Рафаел Надал ќе се врати на тениските терени во јануари идната година кога на програмата е првиот грен – слем во новата сезона, Австралија Опен.
Информацијата денеска ја објавија организаторите на турнирот во Мелбурн, иако од тимот на Надал сè уште не го објавија неговиот распоред за 2024.
– Ексклузивно овде можеме да потврдиме дека Рафа ќе се врати. Беше отсутен поголем дел од годината и во разговори со него изминатите неколку денови потврди дека ќе се врати поради што сме многу среќни. Тоа е прекрасно – изјави директорот на Австралија Опен, Крег Тајли за австралиските медиуми.
Освојувачот на 22. грен – слем титули нема настап од јануари оваа година кога во второто коло на Австралија Опен го повреди колкот во поразот од Мекензи Мекдоналд.
Во меѓувреме, Надал, првпат во последните 20 години испадна од Топ 100 и во моментов е рангиран на 240 место на АТП листата, но има заштитен ранкинг, бидејќи беше повреден и најмалку шест месеци не се натпреаруваше.