Над 2.500 луѓе се спасени по снежното невреме во областа Одеса во јужна Украина, соопшти регионалниот гувернер Олег Кипер, додавајќи дека 313 населени места во регионот се без струја поради лошите временски услови.
Во последниве денови, областа Одеса, која се наоѓа на брегот на Црното Море, беше погодена од серија големи снежни бури кои ги блокираа автомобилите и соборија далноводи.
„Извлечени се 849 заглавени возила, од кои 24 автобуси и 17 амбулантни возила“ – напиша гувернерот на социјалната мрежа Телеграм.
Во јужна Русија, која исто така беше погодена од зимско невреме, 346.000 домаќинства останаа без струја, соопштија властите.
– Електричната енергија е целосно обновена во Краснодарскиот регион, Република Дагестан и Ростовската област – изјави министерот за енергетика Николај Шулгинов за телевизијата „Русија-24“.
Тој додаде дека околу 100.000 потрошувачи на Крим сѐ уште се без струја, а според него до утре напладне ќе им биде вратено напојувањето со електрична енергија.