Германскиот канцелар Олаф Шолц го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина и да ги повлече своите војници од таа земја, јавува Анадолија.
„Да не заборавиме дека Русија е одговорна за оваа војна. А претседателот на Русија е тој што може да го заврши тоа во секое време со една единствена наредба“, рече Шолц во вторникот за време на обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Германскиот лидер ја подвлече потребата од вистинско мировно решение кое ќе ја гарантира безбедноста и слободата на Украина.
„Треба да бидеме свесни за лажни решенија кои претставуваат мир само по име. Мирот без слобода се нарекува угнетување. Мирот без правда се нарекува диктат. Тоа сега конечно мора да се разбере и во Москва“, нагласи Шолц.
Еднаквост на сите држави
Германскиот социјалдемократ порача дека принципите на ОН за неповредливост на границите и суверена еднаквост на сите држави мора да ги почитуваат сите за да се обезбеди мир и стабилност.
„Во мултиполарниот свет на 21 век, нема место за ревизионизам и империјализам. Секој кој претпоставува дека помалите земји се дворот на поголемите земји, грешат“, рече Шолц.
Шолц ги посочи и глобалните последици од војната во Украина и ја изрази својата поддршка за сите дипломатски напори за постигнување вистински мир.
„Руската агресивна војна предизвика огромно страдање не само во Украина, туку и во целиот свет, бидејќи луѓето страдаат од инфлација, зголемени долгови, недостиг на ѓубрива, зголемена сиромаштија и глад“, истакна Шолц.