За денеска во 11 часот е закажана седница на Судскиот совет на која треба да се гласа за нов претседател.
Досегашната претседателка Весна Дамева беше разрешена минатата недела, а заменик-претседателот на Советот Селим Адеми за денеска ја презакажа седницата за избор на нов претседател, зашто на седницата на 27 април бил отсуетен еден член на Советот. Оваа смена на Дамева и начинот на кој беше тоа направено предизвика бурни реакции меѓу експертите.
Судскиот совет брои 13 члена, а Адеми рече дека е пожелно сите членови да бидат присутни на седницата. За разрешувањето на Дамева гласаа седум членови – Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
Разрешувањето на Дамева предизвика бројни реакции дека било незаконско и против процедурите и Деловникот на Советот.
Коалицијата „Сите за правично судење“ соопшти дека престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за Судски совет. Од Колицијата појаснуваат дека за да постои каква било дисциплинска мерка или разрешување на член на Советот, претходно мора да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии.
Министерството за правда соопшти дека со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет.