На располагање на нашата земја ќе има 874 милиони евра во овој тригодишен период. Веќе првата транша од помошта треба да е достапна во април. Таму има проценти како ќе се дефинираат, но убавото е што речиси 30% од нив се неповратни, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за ТВ24.
Тој појасни дека останатите ќе бидат кредитите со субвенционирани камати, односно евтини средства што ќе помогнат во различни инфраструктурни проекти.
– Планот за раст на Европската комисија е показател дека Западен Балкан е важен за ЕУ и дека сакаат од два аспекта да сме спремни за денот на влегување. Прво од економски аспект, а второ од реформи – рече Битиќи.
Тој додаде дека Планот за раст е поврзан со реформи што секоја земја треба да ги направи, а Северна Македонија веќе има испратено список на реформи и одредени проекти што треба да бидат финансирани.
Битиќи, како што рече, не се сомнева дека парите од Планот за развој, ќе се реализираат иако во ЕУ уште не е изгласан, а годинава е изборна година и за ЕУ.