Министерот за здравство Арбен Таравари денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со вчерашната поплава која се случи во две операциони сали во ГОБ „8 Септември“, изјави дека по поплавата веднаш е интервенирано од компанијата која ги одржува салите, и потврди дека за ова ќе се сноси одговорност.
– Поплавата се случила вчера, за денеска немам информации. Секако, веднаш е интервенирано од компанијата која што ги одржува салите, односно прави сервис на салите. Денеска добив информација дека сме на пат на решавање на тој проблем. Нормално, одговорност ќе има – рече Таравари.
На прашање дали ќе има одговорност и за хируршките клиники, со оглед на тоа што компресорот требало да биде сменет пред три, четири години, Таравари одговори дека компресорката станица е изградена некаде пред 32-33 години, а последниот сервис е направен во 2015 година.
– По информациите кои што ги добивам, компресорката станица е изградена некаде пред 32-33 години, секои десет години е сервисирана. Последниот сервис ако не се лажам е направен во 2015 година. Сервис морало да се направи на секои десет години, така што не е дека не е сервисирана, туку проблемот е што се амортизира. Едноставно, одредени работи по одредено време веќе не функционираат како што треба – изјави Таравари по средбата со амбасадорката на САД.
Министерот најави и повеќе фокус на јавното здравство, разрешување на сите економски директори, измени во Законот за здравствена заштита и спојување на Клиничката болница. Тој вели дека министерството ќе работи на децентрализација на здравството со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во останатите клинички болници од земјава.
– Ќе дадеме повеќе фокус на јавното здравство. Тринаесет економски директори се веќе разрешени, а ќе продолжиме и во идниот период да ги разрешиме и другите. Во меѓувреме, Нацрт-законот за измени на Законот за здравствена заштита е направен и е испратен во Влада. Се надевам дека на една од наредните седници идната недела ќе помине и како одлука на Влада дека планираме Клиничката болница да се спои во рок од една година, и дека планираме да работиме на регионализација, односно децентрализација на здравството сè со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници во Тетово, Штип, Битола, Охрид и Струга – рече тој.
Во однос на прашањето дали ќе има нови разрешувања или назначувања, министерот Таравари информираше дека од понеделник ќе започнат со нови назначувања.
– Назначување немаме, од разрешување – 13 се досега разрешени. Сите по клиники не ги паметам, меѓутоа, можеби до крајот на идната недела ќе бидат сите, се надеваме, ако помине Предлог-законот што е поднесен во Влада. Назначувања нема освен Онкологија, Токсикологија за тоа што сте информирани. Од понеделник ќе почнеме со нови назначувања – рече тој.
Помеѓу економските директори кои беа разрешени беа директорите на Универзитетската клиника за токсикологија, Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, Универзитетската клиника за психијатрија, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, Универзитетската клиника за неврологија, Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат – максилофацијална хирургија, Универзитетската клиника за дерматологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања, како и на психијатриската болница „Скопје“.