Парискиот градски совет ја зголеми цената за влез во Ајфеловата кула со цел да собере повеќе пари за реставрација на кулата, откако компанијата која оперира со ова познато архитектонско здание е во загуба.
Од следниот месец, билетите за возрасните ќе поскапат за 20%.
За да се качат со лифт до врвот на кулата, посетителите сега плаќаат 29,40 евра, но од 17 јуни тоа ќе ги чини 35,30 евра.
Градскиот совет на Париз, исто така, поддржа докапитализација на операторот на Ајфеловата кула, компанијата „Сете“ и ја намали годишната такса што ја наплаќа од операторот за управување со кулата.
Компанијата „Сете“ е во финансиски проблеми од пандемијата со ковид-19 кога бројот на туристи кои ја посетуваа кулата се намали, а приходот се намали за 120 милиони евра во 2020 и 2021 година. Минатата година, бројот на посетители се врати на речиси 6 милиони, откако падна на само 1,5 милиони во 2020 година. Силен удар за финансиската состојба на компанијата беа и високите трошоци за реновирање како и неодамнешните штрајкови кои го блокираа градот.
Авторот на кулата, архитектот Густав Ајфел по изградбата на кулата во 1889 година препорачал таа да се пребојува на секои 7 години за да се одбегне нејзино ‘рѓосување. Досега таа е пребоена 19 пати, а од 2010 година кулата која е висока 300 метри не е целосно обоена.