Само 13 од 43.000 Срби гласаа на локалните избори на северот на Косово, кои српскиот претседател Александар Вучиќ ги прогласи за дебакл, а неговиот колега Албин Курти за демократија. Европа пак, преку својата Служба за надворешни прашања (ЕЕАС) порача дека изборите не нудат трајно решение и дека решението е Србите да се вратат во институциите.
Петер Стано, портпаролот на ЕЕАС, порача дека „итна е потребата од сериозен дијалог меѓу Владата на Косово и косовските Срби на северот“. Во соопштението се спомнува дека единствениот траен пат е формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), чие формирање „треба да се заврши што е можно поскоро“.
0,29 отсто е дебакл на Курти и на Квинтата
Како ги коментираше Вучиќ изборите? Како дебакл на Курти, но и на петте земјите од таканеречената Квинта, неформална група земји, која соработува за решавање на различни прашања поврзани со Косово.
– Ова е изборен дебакл на Курти и Квинта, на сите оние кои го охрабруваа и се лажеа себеси дека проблемот е во Белград и некои криминални српски структури на северот на Косово – рече српскиот претседател во телевизиски говор.
Вучиќ оцени дека никогаш во Европа од Втората светска војна не се случило излезноста на изборите, на кои првенствено требаше да гласа една нација, да биде 0,029 отсто.
– Не разговараме, добиваме наметнати хартии кои секогаш, повеќе или помалку, треба да одат во корист на Приштина затоа што Квинта ги поддржува – додаде Вучиќ.
Бојкотот беше алатка на Белград, граѓаните останаа смирени
Од другата страна, косовскиот премиер Албин Курти денеска на Фејсбук им честиташе на новоизбраните градоначалници во четирите општини со мнозинско српско население. Тој спомна дека изборите поминале без инциднети.
„Владата ќе ги поддржи и ќе им помогне (на градоначалниците). Институционалниот систем и јавните служби ќе можат подобро да функционираат. За доброто на граѓаните и нивните права“, напиша Курти на својот фејсбук-профил.
Од друга страна, за бојкотот на Србите, Курти напиша:
„Бојкотот беше наметнат со кампања на закани од страна на официјален Белград и неговите криминални алатки на север. Им благодарам на граѓаните за нивната храброст и смиреност“.
Во меѓувреме, потпретседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ, изјави дека српскиот народ никогаш нема да дозволи општините на север да бидат управувани од оние со еден или два отсто од гласовите.
Тој во име на Српска листа им се заблагодари на припадниците на српската заедница од северот што ги бојкотираа изборите и го докажаа „патриотизмот, достоинството, честа и единството“.
Кој победи на изборите?
Врз основа на прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ.
Измир Зеќири, кандидат на Демократската партија на Косово, ќе биде нов градоначалник на Зубин Поток, а неговиот сопартиец Илир Пеци ќе биде прв човек на Звечан.
На 2 мај да дојдете подготвени!
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак на Фејсбук најави дека Вучиќ и Курти ќе разговараат на 2 мај во Брисел за договорот од Охрид, односно за роковите за имплементција на ЗСО и други прашања.
Словачкиот дипломат додаде дека ЕУ „затоа очекува дека двете страни во Брисел да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација“. Тој рече дека на 2 мај на дневен ред ќе бидат усвојуваање на Декларацијата за исчезнати лица, но и нацрт статутот на ЗСО. Лајчак ова го објави синоќа, веднаш откако излегоа првичните резулатите од изборите.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Охридскиот договор ќе се спроведе без одлагање и додаде дека е подготвен за средба на 2 мај на која очекува конкретни резултати. Вучиќ, пак, потврди дека ќе дојде во Брисел, но дека не очекува ништо од средбата.
На средбата од 18 март во Охрид двајцата лидери постигнаа договор за имлементацискиот анекс, иако ништо не потпишаа.
За Американците најважен е договорот од Охрид
По првите резултати од изборите вчера се огласи и амбасадата на САД во Косово со изјава дека поддржува разновидна, инклузивна, мултиетничка демократија на Косово и изборите кои се нејзина основа.
Од таму посочуваат дека ќе ја продолжат соработката со сите релевантни страни за следните чекори и дека ја нагласува важноста од целосна имплементација на договорот од Охрид меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.