На градот Безие на југот на Франција му е преку глава од сопствениците на кучиња кои не ги чистат изметот на нивните миленичиња на јавни површини, па градската власт најави дека ќе користи ДНК-анализа за да ги открива прекршителите.
Новата регулатива, која стапи во сила оваа недела, бара сопствениците на кучиња во центарот на градот да изготват генетски пасош за своите четириножни миленици.
Куповите измет оставени на јавните површини потоа може да се анализираат и да се идентификува виновникот.
По тримесечен грејс-период, секој што шета куче без генетска карта ќе треба да плати 38 евра, а ќе плати и казна од 122 евра доколку биде откриено дека не го исчистил изметот зад своето куче.
Првично, оваа новина ќе се тестира во наредните две години.
– Не можам повеќе да го поднесам целиот овој измет! Само во центарот на градот отстрануваме повеќе од 1.000 купчиња секој месец. Мора да воведете санкции за луѓето да се однесуваат правилно – рече градоначалникот на Безие, Роберт Менар за весникот Франс инфо.
Менар рече дека општината на сите сопственици на кучиња ќе им понуди бесплатно тестирање на плунката на нивните кучиња, што е неопходно за генетски пасош. Тој додаде дека тоа може да се направи и кај ветеринар.
Во други земји, општините кои се борат со изметот на кучињата, исто така, ја испробуваат можноста со ДНК анализа да ги идентификуваат сопствениците, кои не се грижат за изметот што нивните животни го оставаат на јавни места.
Изметот е проблем на улиците, игралиштата и парковите. Во Германија, градот Вилерсвист западно од Бон, воведе ваква практика минатото лето, но засега нема информации за ефектите од неговата примена.