Пред 43 години, на 4 мај 1980 година, почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) Јосип Броз Тито, водачот на југословенските партизани во Втората светска војна и лидер на Комунистичката партија на Југославија.
Тој ја водеше земјата надвор од советскиот блок, го иницираше нејзиниот сеопфатен развој и беше еден од водачите на Движењето на неврзаните.
Тој беше на чело на Југославија од 1945 година до својата смрт, а почина на 88-годишна возраст, во Клиничкиот центар во Љубљана, главниот град на Словенија, во 15 часот и 5 минути.
Неколку години, на 4 мај во 15.05 часот, се огласуваа сирените и стопираше транспортот, а граѓаните на Југолсавија, каде и да се најдоа, стоеја во место и со молк го почестуваа Тито.
Четириесет и третата годишнина од смртта на Тито денеска ќе биде одбележана во Куќата на цвеќето во Белград, каде што беше погребан, во Кумровац, Хрватска, каде што е роден и на уште неколку места, не само во поранешните југословенски републики.
Гробот на Тито, Куќата на цвеќето, кој е дел од Музејот на Југославија на Дедиње, по погребот го посетиле околу 20 милиони луѓе.
На неговиот погреб присуствуваа повеќе од 200 делегации од целиот свет, претседатели, премиери, кралеви и владетели и партиски лидери од 107 земји.
Јосип Броз Тито е роден во Кумровац во мај 1892 година. Неговиот роденден беше прославен на 25 мај, како „Ден на младоста“.