Обединетото Кралство ги крена каматните стапки од сегашните 2,25 отсто на дури три отсто, што е најголем скок на каматните стапки од 1989 година. Со ваквиот потег на банката на Англија цената на заемите се качи на највисоко ниво од кризата во 2008 година, кога банкарскиот систем во Велика Британија се соочи со целосен колапс, јави Би-би-си.
Но, ова рекордно зголемување на каматните стапки почна уште во декември, кога трошоците за живот во Обединетото Кралство почнаа забрзано да растат и на многу домаќинства во земјата им беше тешко да ги покријат основните трошоци.
Рецесија е кога најмалку два квартали по ред во една земја има пад во економијата. Во периодот на рецесија, типично е компаниите да заработуваат помалку, што се одразува на платите кои се намалуваат, а како резултат на тоа се зголемува невработеноста. Банка на Англија верува дека Обединетото Кралство уште од летово почна да влегува во рецесија и предвидува дека таа ќе продолжи и во текот на оваа година и првата половина на 2024 година, кога треба да се одржат општите избори.
Иако ова не е најголемиот економски пад во ОК, тоа би можело да биде најдолгиот од 1920-тите, кога рецесијата го зафати целиот свет.
Британскиот министер за финансии, Џереми Хант, кажа дека „инфлацијата има големо влијание врз семејствата, пензионерите и бизнисите, така што приоритет на владата е да ја ублажи што е можно повеќе. Каматните стапки растат насекаде низ светот, додека земјите се обидуваат да се справат со цените кои почнаа драстично да растат поради пандемијата и руската инвазија на Украина”.
Зголемувањето на трошоците за живот е највисоко во последните 40 години, а од септември досега цените се зголемени за 10,1 отсто. Банка на Англија смета дека зголемувањето на каматните стапки ќе ги поттикне луѓето да штедат и да земаат помалку заеми, што ќе го намали притисокот врз цените.
Иако зголемувањето на каматите ќе биде поволна околност за штедачите, оние со хипотеки, заеми и долг на кредитни картички сигурно ќе ги почувствуваат негативните последици од овој потег, пишува Би-би-си.