More

    На БЕГ му се одземаат лиценците, проектот ГЕС на Шилегов избива во прв план

    spot_img

    Не треба да се дозволи со парното во Скопје повторно да управува приватна компанија, туку државата или град Скопје, велат граѓани и граѓански активисти, откако првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, соопшти дека е почната постапка за одземање на трите лиценци на БЕГ за парното и најави дека владата ќе треба да објави тендер за нов снабдувач со топлинска енергија.

    Експертите се со став дека најважно е системот на топлинско снабдување на Скопје да не пропадне и граѓаните да се префрлат на греење на струја.

    Активистот на здружението „Но пасаран“, Маријан Ненов, вели дека договорот меѓу политиката и бизнисот ќе го даде идниот снабдувач на Скопје со топлинска енергија.

    – Во никој случај не треба да се дозволи повторно приватник, преку криминални зделки со политиката, да управува со парното во Скопје. Со парното што го градеа скопјани треба да управува државата или град Скопје, преку друштвото „Градски енергетски системи“ (ГЕС), формирано за таа намена. Ако се случи спротивното, скопјани нема да видат ништо поарно од она што се случуваше со управувањето со парното од страна на БЕГ – вели Ненов.

    Според него, оправдано е да се поведе постапка против БЕГ за одземање на лиценците, бидејќи компанијата ги прекршила законите и договорот.

    – „Но пасаран“ уште во 2019 година поведе постапка за одземање на лиценцата на БЕГ поради повреда на членот 13 од Договорот, но тогаш РКЕ рече дека немаме право. Но, сега, водена од политиката, РКЕ мисли поинаку. Со тоа потврди дека кога сака, па и под политички притисок, РКЕ може да утврди дека БЕГ ги крши законите. Сега оттаму велат дека изминатата грејна сезона БЕГ не поседувала резерви од мазут за нормално функционирање на парното, во услови кога нема природен гас и со тоа прекршила неколку членови од законот – вели тој.

    Ненов се чуди зошто ниту Бислимовски ниту пак градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не го споменуваат АД „Градски енергетски системи“, формирано во 2018 година токму за преземање на парното од БЕГ.

    – Ова е еден од најдобрите проекти кои се направени за скопјани. ГЕС има добар инженерски кадар, кој може да ги реши сите проблеми во однос на снабдувањето со топлина во Скопје, но интересно е што никој не го зема предвид ГЕС кога се размислува за парното. Се чини повторно политиката има други замисли и овој проект ќе пропадне. Тогаш, ако управувањето со парното се даде на приватник, нека се затвори ГЕС, не само поради тоа што овие луѓе се ставаат во незавидна положба, туку и поради фактот што годишно на неговото постоење се трошат по 1 милион евра. Но, мислам дека решението за парното е во ГЕС – вели Ненов.

    И граѓани кои се греат на парно велат дека ако се одземат лиценците на БЕГ, подобро е со парното да управува Град Скопје, или државата преку ГЕС.

    – Па видовме дека државата мораше да реагира кога БЕГ почна да намалува топлина, поради тоа што немаше гас да топли. Затоа мислам дека наместо некој приватник со парното да управува државата – вели граѓанин.

    Професорот Ристо Цицонков, пак вели дека, прашањето кој ќе управува со топлинскиот систем во Скопје е техничко, но мора да се внимава што ќе се добие со нов избор на снабдувач со топлина.

    – Многу политички работи се поврзано со ова прашање. Тука се преговара меѓу бизнисот и политичарите, а што ќе се договори е техничко прашање. За граѓаните и за државата е најважно да има нормално снабдување со топлина. Значи, најважно е топлинскиот систем на Скопје да не пропадне, па граѓаните да мора да се префрлат на греење на струја и со тоа да се направи уште поголем проблем. Секако, многу е важно новиот снабдувач со топлина да има соодветен кадар кој ќе знае успешно да се справува со проблемите и тој да биде платен соодветно, зашто никој не се вложува во решавање на проблемите без соодветна плата – вели Цицонков.

    Градоначалничката а Скопје, Данела Арсовска, изјави дека Град Скопје нема никакви ингеренции во врска со БЕГ, но смета дека изворите на енергија со кои стопанисува државата не треба да бидат давани под концесија.

    – Да не се дозволи граѓаните во месеците кои претстојат да се соочат со криза на топлинска енергија. За Скопје ова навистина е голем проблем, за кој треба да има трајно и системско решение и верувам дека треба веќе да почне да се размислува на кој начин ова би се решило. Во изминатата грејна сезона имаше голем број на проблеми кога станува збор за топловодната мрежа во градот Скопје. Изворите на енергија кои ги има Македонија не треба да бидат давани под концесија. Тоа е нешто што е од национален интерес, каде треба да се погрижи самата држава – истакна Арсовска.

    РКЕ пред еден месец започна постапка за одземање на лиценцата на БЕГ производство.

    – Сите можат да се сетат како беше во зимските месеци, имаше одредени проблеми кои се надминаа со помош на Владата, за да се ублажи цената за топлинска енергија. Ние во изминатиов период бевме во комуникација со трите компании на БЕГ и поради веќе почнатата постапка за одземање на лиценца за БЕГ производство, веќе и од БЕГ се свесни дека имаат сериозни проблеми во однос на обезбедувањето на природниот гас. Од тие причини, РКЕ во тековниот период ќе донесе одлуки со кои ќе се одземат трите лиценци на БЕГ производство, БЕГ дистрибуција и БЕГ снабдување и притоа се разбравме со компаниите џентлменски дека ние одредени постапки ќе прекинеме, а тие ќе поднесат барање за престанок на нивните лиценци, со единствена цел да нема ниедна оштетена страна. Треба да бидеме целосно подготвени за следната грејна сезона – изјави Бислимоски.

    Тој додаде дека отпосле Владата мора да распише тендер на којшто ќе се избере нов вршител на дејноста производство на топлинска енергија.

    Од БЕГ засега не ја коментираат изјавата на Бислимовски, а од ГЕС, кој веќе водеше посатка пред судовите за запирање на процесот на давање лиценца, на прашањата на Плусинфо не одговорија. Ставот на познавачите на состојбите е дека ГЕС сега самата треба да побара да се обнови постапката за добивање лиценца.

    – Да ГЕС сега сама треба да подигне постапка за добивање лиценца и да не дозволи повторно да биде изиграна со избор на приватен снабдувач – вели Ненов.

    На сите им е јасно, меѓутоа дека не смее да се дозволи граѓаните на Скопје да останат без парно оваа зима во која се најавуваат високи цени на енергенсите.

    ГЕС е проект на поранешниот градоначалник Петре Шилегов. Формирано е во 2018 година, со одлука на советот на Град Скопје, со цел да ги снабдува скопјани со топлинска енергија откако системот ќе биде преземен од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и со гас кога ќе се воведе гасификацијата на Скопје.

    Владата една година подоцна одлучи на градот Скопје на трајно користење да му ја даде дистрибутивната топловодна мрежа на територијата на општините Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Чаир, Бутел, како и дел од Автокоманда.

    ГЕС поднесе барање за лиценца до Регулаторната комисија за енергетика но не ја доби со образложение дека привремено е запрена постапката.

    Дали сега РКЕ ќе ја продолжи постапката за давање лиценца не се знае, бидејќи се зависи дали ГЕС ќе поднесе ново барање за добивање лиценца.

    За потсетување, Градот Скопје со сопствени средства до 2014 година изградил околу 15 километри од примарната и секундарната топловодна мрежа во Скопје.

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img