Дмитриј Рогозин, поранешниот шеф на руската вселенска агенција Роскосмос и радикален поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, е ранет во украинското гранатирање на Доњецк во средата, објавија руски новински агенции.
Според ТАСС Рогозин бил ранет при гранатирање на хотел во предградието на Доњецк каде што се наоѓала група воени советници предводена од него. Рогозин бил ранет во грбот и бил пренесен во болница, но е надвор од животна опасност. Во нападот загинале две лица, а уште неколку други се повредени, објави агенцијата.
Според Ројтерс, заедно со Рогозин, повреден е и поранешниот руски вицепремиер Виталиј Хотсенко, премиерот на самопрогласената Народна Република Доњецк.
Рогозин ја водеше руската вселенска агенција до јули оваа година и се смета за еден од најверените и најтврдокорните следбеници на Путин. Рогозин редовно објавува „патриотски“ статуси на социјалните мрежи, често со екстремни и воено-подбуцнувачки ставови.
На македонската јавност ѝ е познат по неговите изјави дека на балканските земји треба да им се фрли ракета „Сармат“, која носи нуклеарни боеви глави. Ова тој го напиша откако Бугарија, Романија, Македонија и Црна Гора го затворија небото за прелет на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за неговата планирана посета на Белград. Кремљ тогаш објави дека тоа го смета за „непријателска акција“ на овие земји, зад која стојат ЕУ и НАТО.
„Знаете ли што е добар „Сармат“? Затоа што не бара дозвола за прелет од кукавичките Бугари, одмаздољубивите Романци и Црногорци, кои ја предадоа нашата заедничка историја“, напиша Рогозин тогаш на Твитер.