Нѐ очекува ценовен шок или само благо покачување на цените на прехранбените производи?

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Нѐ очекува ценовен шок или само благо покачување на цените на прехранбените производи? Што ќе се случи откако ќе се одмрзнат маржите?

Одговорот на ова прашање ќе го дознаеме овој викенд. Владата најави дека ќе престане да важи ограничувањето на маржите за прехранбените производи. Состојбата ќе се следи и можно е повторно да се замрзнат маржите, ако пазарните законитости на го сторат своето.

Граѓаните се загрижени дека одмрзнувањето на маржите ќе ги вивне цените на производите. Некои производители ионака веќе најавуваат повисоки цени, како резултат на повисоките цени на репроматеријалите. Експерти и економисти предупредуваат дека Владата сега треба посебно да внимава желбата на трговците и производните компании да ги повратат приходите да не се одрази врз грбот на граѓаните.

– Веќе имаме повисоки цени на дел од прехранбените производи, а читам и најави дека ќе поскапуваат нови производи. Маржата ќе се одмрзне и пак цените ќе почнат да растат. Прво за денар или два, за потоа за висината на маржата и на крајот за висината на трошоците на производителите кои им пораснале во меѓувреме. Некои ќе го искористат овој период да го вратат загубеното. Сите ќе печалат од ова, но ние граѓаните ќе треба пак да штедиме и да кратиме од количините на купена храна – вели Атанас Н. Од Скопје.

Економисти велат дека во основа треба да се дозволи да функционира пазарната економија, но кај нас се покажа дека тоа не е лесно да се стори.

– Во изминатиот период видовме како реагираа трговците. Па имавме ниски берзански цени на храната, а кај нас и со замрзнати цени и маржи, цените на храната не се намалија. Сметам дека за одделни производи, главните прехранбени производи, државата мора да ја контролира маржата и постепено да ја релаксира сè додека не се види односот на трговците и додека не се види дека цените на производите се намалуваат. Така може да се доведе пазарот во ред, а не да имаме намалени цени на храната на берзите, а кај нас да растат. Велам, релаксирањето да оди постепено, бидејќи веќе имаме искуство со наглото ограничување и наглото ослободување на маржите и на цените – вели економистот Маријанчо Николов.

Според него, Владата треба да го има предвид фактот дека стандардот на граѓаните е опаднат и дека не може да издржи уште еден висок раст на инфлацијата, а компаниите производители се неконкурентни во однос на регионот.  Мерките треба да се прилагодат на оваа состојба.

– При донесувањето на одлуката дали да ја продолжи мерката, мислам дека Владата ги имала предвид сите расположливи податоци, но не треба да остави работите да се одвиваат стихијно и сето тоа да се истури врз грбот на граѓаните. Дополнително треба да им се помогне на компаниите од прехранбената индустрија, да се изборат со конкуренцијата на домашниот пазар, со што ќе им се овозможи да не ги зголемуваат цените непотребно – додава тој.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека она што не дало ефекти треба да се отфрли. Тој смета дека мерките за замрзнување на цените и маржите беа популистички, без посебен ефект врз стандардот на граѓаните и врз инфлацијата. Според него, цените треба да се остават да се формираат според пазарните законитости на понуда и побарувачка.

- Advertisement -
Ad image

– Мерките не ја одиграа својата улога и граѓаните беа сведоци на тоа дека цените секојдневно се менуваа, а трговците не ги почитуваа како што беше планирано. Владата со голема леснотија ги донесе овие мерки, а трговците покажаа дека не се подготвени да продаваат нешто со пониска цена од онаа по која го набавиле и да прават загуби. Владата требаше да го знае тоа, бидејќи подоцна и самата увиде дека дел од посилните трговски објекти не го почитуваа договорот  и преживеаја, а оние помалите кои се обидоа да ги спроведат мерките, беа принудени да затворат – вели Хајредини.

Од мерките, според Хајредини, полза имаа само министрите, не граѓаните  за кои беа наменети бидејќи тие осиромашуваа.

– Полза од сето ова имаа Крешник Бектеши и Димитар Ковачевски, кои секој ден одеа во контрола по продавници и ни кажуваа колкава е цената на краставиците. Но, реалноста беше друга. Како земја се повеќе увезува храна, реално е да имаме цени кои ги диктираат другите пазари, односно цената во земјава не може да биде пониска од набавната од увоз. Тоа требаше да го имаат предвид министрите кои одлучуваа да се замрзнат цените и маржите и да сфатат дека мерките нема да дадат ефекти – вели Хајредини.

- Advertisement -
Ad image

Професорот Здравко Савески, пак, смета дека сè уште има потреба од замрзнати цени.

– Сè уште има потреба од замрзнување на цените, или поблага мерка, бидејќи инфлацијата кај цените на храната е дупло поголема од општата инфлација. Тоа кажува дека мора да се реагира во насока на заштита на животниот стандард, особено на најсиромашните граѓани, кои трошат поголем дел од приходите за купување храна – вели тој.

Савески смета Владата треба да развива стратегија на зголемено производство на храна и намалување на увозната зависност.

И потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, смета дека овие владини мерки беа погрешни  и придонесоа за зголемување на инфлацијата.

– Проблемот настана во одлуките што Владата ги носеше пред година и половина. Наместо во тој период да ги спречуваа ценовните шокови, тие носеа други одлуки. Ние предлагавме намалување на акцизата и на ДДВ, што ќе спречеше скок на цената на основните производи. Не нè послушаа и цените скокнаа и сега е многу тешко да се вратат назад. Еве, сега нафтените деривати се поевтини, но цената на храната остана иста. Погрешни политики и одлуки носеа, замрзнуваа цени, а трошоците во буџетот растеа и воопшто немаа контрола во тој дел. Остана Народна банка самата да се справува со ситуацијата. Велат дека растат платите, меѓутоа реалната вредност односно куповната моќ е намалена. Во исто време, се зголемувца цената на струјата, каматните стапки се зголемуваат и граѓаните живеат се полошо и полошо – вели таа во интервју за порталот Република.

Деновиве дојде и оценката на мисијата Меѓународниот монетарен фонд, во која се вели дека се очекува годинава потрошувачките цени да пораснат во просек за 9,2%, што дополнително ќе ја намали куповната моќ на граѓаните, на што треба да се фокусира владата при донесувањето на мерките.

Од Министерството за економија потсетуваат дека долгорочната примена на замрзнати маржи може да доведе до спротивен ефект од она што се очекува.

„Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени, може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување на државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не се објективни причините за тоа. Министерството остава на производителите и трговците да покажат општествена одговорност откако ќе заврши мерката“, информираа од Министерството. Од таму напоменуваат и дека доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа и ќе го спроведат.

КОЛКУ БЕА НАМАЛЕНИ МАРЖИТЕ

Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Со одлуката највисоката трговска маржа за бел леб (сечен на парчиња или цел), шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврди во висина до 5% во трговијата на големо и до 5 % во трговијата на мало.

Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5%, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврди на висина до 10% во трговијата на големо и мало.

Share This Article