Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека вчера и денеска непознат испраќач, користејќи го нејзиното лого, преку СМС-пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички.
Пораките се испраќани од телефонскиот број +389 79 212 628 со следната содржина: „Извршете ја задолжителната пријава на УЈП https://ujp.mk/verifikacija.
„Овој линк е лажен и не води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи“ – соопшти УЈП и апелира да не се отвораат таквите СМС-пораки и да не се отвора линкот.
Доколку некој го отворил линкот пратен во порака, УЈП повикува да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните, затоа што може да бидат злоупотребени.
„Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација“ – се наведува во соопштението.
И МВР денеска предупредување дека лажни електронски пораки се испраќаат во нејзино име и дека станува збор за обид за измама во меѓународни рамки
„Во однос на пристигнати пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот.
Притоа, во испратените мејлови, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку Вибер линк. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.
Исто така, предупредуваме да не ги отворате линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“ – се вели во известувањето од Сектор за односи со јавност при Министерство за внатрешни работи.