По пријава на Центарот за управување со кризи, Одделот за воздухопловни единици на МВР денеска интервенираше на подрачјето помеѓу Македонски Брод и Општина Пласница со еден хеликоптер од типот Bell 212 при што се исфрлени над 7 тони вода.
Според најавите од МВР, гаснењето на пожарот ќе продолжи утре наутро за да се стави под контрола.
„Последнава година Министерството за внатрешни работи заедно со Одделот за воздухопловни единици, за потребите на Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел”, ги препозна потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот. За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од словенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени“, соопшти МВР.
Овој пример, според нив, е уште еден доказ дека МВР е сервис на граѓаните и тоа е веќе имплементиран начин на работа во сите сегменти на полициското работење.