Министерството за внатрешни работи разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо, рече Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „Слободен печат“.
– Максимално посветено ќе постапуваме за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нас. Во двата случаи се почнати и водени истраги според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сите што беа вклучени во истрагата од самиот почеток па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината – рече Спасовски.