Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единица за корупција, до Основното јавно обивнителство Куманово, поднесе кривична пријава против Ф.Н.(48) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“ казниво по член 378 од Кривичниот Законик. Пријавениот Ф.Н., сопственик и управител на друштво за трговија и туризам од Куманово, во текот на јуни 2024 направил лажна исправа – Извод од лиценца за вршење меѓународен превоз на патници за сопствени потреби во која внел невистинити податоци. Лиценцата за меѓународен превоз му истекла на 24.06.2024 и за да не ја пропушти предвидената тура на релација Скопје – Кушадаци на компјутер ја променил годината на важност на Изводот од лиценцата од 2024 во 2025 година и ја ставил во документацијата на автобусот. На 26.07.2024 на Граничен премин Деве Баир, возачот ја приложил лиценцата на увид и притоа полициските службеници констатирале дека е фалсификувана.
На 14.08.2024 околу 20.00 часот на улицата „15 Корпус“ во Охрид, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид ги лишија од слобода Д.С.(33) и Т.Б.(46), двајцата од Охрид. Тие се затекнати на паркинг простор каде одгледувале растение канабис. Подоцна, при претрес во нивните домови, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.08.2024 околу 09.00 часот на локалниот пат во с.Добрашинци, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода М.Е.(25) од Струмица. Тој, управувајќи патничко возило „цитроен“, сопственост на такси компанија, кое претходно го одзел во Струмица, изгубил контрола и со возилото излетал од патот. Подоцна, при проверка во оперативната евиденција, било констатирано дека М.Е. бил баран по потерница за доиздржување затворска казна за сторени повеќе кривични дела по член 235 од Кривичниот законик. Лицето било предадено во Казнено – поправната установа Затвор Струмица за доиздржување на казната.
На 14.08.2024 во 08.40 часот во тетовско Желино, полициски службеници од Полициското одделение Групчин го лишиле од слобода С.А.(24) од Желино. На 09.08.2024 на локален пат во Желино, тој излегол од возилото „фолксваген поло“ во кое се превезувал, фрлил пет пакувања со марихуана и го напуштил местото. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и против него ќе следува соодветна пријава.
На 14.08.2024 во 14.30 часот во ОВР Прилеп, од Казнено – поправната установа Затвор Прилеп било пријавено дека при претрес на пратка за осуденикот Д.К.(38) од Прилеп била пронајдена грутчеста материја. Полициски службеници излегле на местото и ја подигнале пронајдената материја за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Денеска (15.08.2024) во 01.50 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Кичево – Гостивар, патничко возило „фолксваген пасат“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.А.(22) од с.Туин, кичевско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде што подоцна починал. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кичево.
На 14.08.2024 околу 12.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Иван Хаџиниколов“ и ул.„Славка Динкова“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Т.(35) од Скопје, товарно возило „„ман“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Б.(31) од с.Цветово, скопско и велосипед управуван од М.С.(62) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека другите двајца возачи се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 14.08.2024 околу 15.10 часот во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Подмоље, патничко возило „цитроен“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.Ш.(26) од с.Велешта, струшко, излетало од коловозот. Во несреќата, А.Ш. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.
На 14.08.2024 во 12.30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосницата од ул.„Праведничка“ и ул.„Февруарски поход“ во Кавадарци се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „пежо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Р.Н.(38) и мопед управуван од З.Н.(56), двајцата од Кавадарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Општа болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кавадарци.