На 06.02.2023 во 19.50 часот во тетовска Мала Речица, полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција – Одделение за економски криминал при СВР Тетово ги лишиле од слобода З.Д.(33) од с.Голема Речица, тетовско и Ј.А.(60) од с.Пирок, тетовско. По преземени мерки било утврдено дека од средината на јануари 2023, З.Д. во неколку наврати изнудил вкупно 18.630 евра од лице од Тетово, уценувајќи го дека ќе објави фотографии со компромитирачка содржина. Според пријавеното, З.Д. во неколку наврати го организирал примопредавањето на парите преку Ј.А., такси возач. Имено, тој му се јавувал на оштетениот и му кажувал да ги предаде парите на Ј.А., кој подоцна му ги доставувал нему. Истото било направено и во текот на вчерашниот ден, при што биле затекнати од полициски службеници при примопредавање на парите. З.Д. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 06.02.2023 до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Ф.(20) од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од Кривичниот законик. Имено, врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во тек на полициска акција спроведена на 21.12.2022 со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на криумчарење на мигранти, полициски службеници извршија претрес во домот и други простории кај А.Ф., при што се пронајдени и одземени автоматска пушка без кундак „АК-47“ – „Калашников“ кал.7,62x39mm, празна рамка од автоматска пушка кал.7,62x39mm, 31 куршум за автоматска пушка со кал.7,62×39 mm и 100 куршуми за пиштол кал.9 mmPara, кои недозволено ги набавил и чувал во својот дом. А.Ф. бил лишен од слобода и опфатен со веќе поднесената кривична пријава против 13 лица, за сторени кривични дела по чл.418-в ст.2 и по чл.418-б ст.2 од Кривичниот законик, и веќе издржува мерка притвор во траење од 30 дена изречена од страна на Судија на претходна постапка.
На 06.02.2023 во 11.05 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода З.А.(28) и С.М.(26), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека на 11.01.2023 одзеле повеќе предмети од приватен имот на улицата „Благоја Думановски“. Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.
На 06.02.2023 околу 15.30 часот на улица „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 34-годишниот гостиварец С.С.. Тој се сомничи дека на 05.02.2023 одзел мотоцикл „априлија“ со гостиварски ознаки, сопственост на 68-годишен жител на Гостивар, а кој бил паркиран во влезот на зградата во која живеел во Гостивар. Мотоциклот бил пронајден и вратен на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 06.02.2023 во 09.10 часот на ул.„Ацо Шопов“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода К.Г.(28) од Скопје. За него била распишана централна потерница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“, извршено на 21.08.2022 на подрачјето на Карпош, каде со огнено оружје му нанел повреда на Б.Ѓ.(44) од Скопје. Од страна на Судија на претходна постапка му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена и бил предаден на надлежната казнено – поправна установа.
На 06.02.2023 околу 19.45 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 41-годишниот гостиварец А.К., затоа што кај него бил пронајден и одземен хероин. По документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 06.02.2023 во 21.20 часот на паркингот на Средно Водно, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Н.Б.(18) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во текот на вчерашниот ден (06.02.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 154 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 83 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 71 надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (06.02.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 83 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло). Изречени се две мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила, две санкции за недавање предност на минување на пешаци…
На 06.02.2023 на подрачјето на СВР Штип полициски службеници спроведоа акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 9 прекршоци, од кои 8 во населено место и 1 надвор од населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 18 други видови на прекршоци, од кои 2 за нерегистрирано возило, 3 за управување возило без возачка дозвола, 3 за возач почетник, 3 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење сигурносен појас и 6 за непрописно паркирање.
На 06.02.2023 во периодот од 07.00 до 12.00 часот, при извршени сообраќајни контроли во Охрид, полициските службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, затекнале 18 возачи кои управувале моторни возила со брзина поголема од дозволената (06-надвор од населено место, 12-во населено место). Против нив се поднесени соодветни платни налози.
На 06.02.2023 во 08.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Сингелиќ, скопско, товарно возило „форд“ на ЈП „Комунална хигиена“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Ш.(55) од Скопје, движејќи се наназад удрило во бетонски ѕид од куќа. На металната конструкција од возилото стоел работникот М.П.(34) од Скопје, кој од ударот во ѕидот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 06.02.2023 во 15.30 часот во Полициската станица Карпош, М.Т.(30) од Скопје пријавила дека на ул.„Лондонска“ била касната од куче скитник.
На 06.02.2023 во 12.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Т.С.(57) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ бил каснат од куче скитник.