Во врска со изнесените наводи за цензура во Музејот на Град Скопје, ве информираме дека се работи за проектот „Каљари – Скопјe” – кој е плод на размена во областа на културата помеѓу Италија и Македонија. За жал, еден од македонските уметници, Зоран Шеќеров, сакаше да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот, бидејќи не се поврзани со неговиот престој во Сардинија, реагираше Град Скопје преку соопштение, откако во јавност излезе информацијата декана уметникот Шеќеров му било речено дека не може да му бидат објавени дела со тема „северна“, затоа што тоа било политичка порака.
„Во текот на есента 2022 година беа реализирани две резиденции на уметници, една во Каљари, Сардинија и една во Скопје, каде македонски и италијански млади уметници заеднички твореа уметнички дела, инспирирани од културата и природата на околината во која се наоѓаат резиденциите – во Република Македонија тоа беа градот Скопје и Скопската околија, а во Сардинија, градот Каљари и островот Антиоко. Резултатите од овие две уметнички работилници беа прикажани во Музејот на Град Скопје во текот на вчерашниот ден. Уметниците од Сардинија ги прикажаа cвоите импресии од Македонија, а скопските уметници своите импресии од Сардинија. За жал, еден од македонските уметници, Зоран Шеќеров, сакаше да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот, бидејќи не се поврзани со неговиот престој во Сардинија. Но, бидејќи за Музејот од особена важност е стимулирање на критичка уметност го покануваме Зоран Шеќеров да аплицира со овие дела за самостојна изложба. Вратите на Музејот се секогаш отворени за млади и креативни уметници од Македонија со цел промоција на македонската култура“, се вели во соопштението на Музеј на Град Скопје.