Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, денеска имаше обраќање и сесија посветена на прашања и одговори со европратениците, членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.
Пред членовите на комисијата, Муцунски испрати јасна порака дека новата Влада е силно фокусирана на евроинтеграциите и спроведувањето на реформи. Тој истакна дека за земјата е клучно да продолжи да напредува кон полноправно членство во ЕУ, следејќи предвидлива пристапна траекторија, заснована на јасно утврдените пристапни критериуми и принципот на сопствени заслуги. Притоа, потенцираше дека добрососедството не е еднострана обврска, туку долгорочен процес што бара заедничка одговорност и меѓусебна почит.
Министерот нагласи дека членството во ЕУ не е само политичка амбиција, туку суштински трансформативен процес што ги става граѓаните во центарот. Тој ја истакна посветеноста на Владата кон спроведување на клучни реформи, особено во областа на владеењето на правото, правосудството, јавната администрација и економското управување.
Во своето обраќање, Муцунски потсети дека државата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – стратегиски избор и врвен приоритет што ја демонстрира нашата посветеност на принципите и вредностите што ги застапува Унијата. Истакнувајќи ја потребата од носење одлуки што ќе постават основа за идното проширување на Унијата, тој ги и повика европратениците да продолжат проактивно да ја поддржуваат политиката на проширување, особено сега кога Европската Унија влегува во нов петгодишен институционален и легислативен циклус, кој ќе има значително влијание врз иднината на проширувањето.
Одговарајќи на прашањата од членовите на комисијата, Муцунски потенцираше дека Северна Македонија е пример за почитување и заштита на правата на малцинствата, што повеќепати е потврдено од Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права.