Непознавање на законите, ниското ниво на политичка култура и политичкото ривалство кое за жал кај градоначалничката Арсовска веќе е сведено на ниво на политичка омраза, оди до таму што, по нејзин налог извршителите во градот Скопје добија насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општина Аеродром, реагира Општината откако Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски денеска беа казнети со 88.000 евра.
„Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје. Потенцираме дека, до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзана со наводите наведени во соопштението до медиумите. По евентуалното добивање на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можноста за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска – реагира Општината.
Оттаму велат дека Арсовска е единствениот виновник на комуналниот хаос во градот и наместо да диригира смешни прекршочни решенија, неопходно е правниците и инспекторите кои се дел од нејзиниот тим, да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде ќе ги научат основни принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција.
„Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до ‘нула’, пополезно ќе биде да се посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир.
Политичката омраза, креирањето лажни постапки и паушалното пласирање скандали се карактеристика за слабите политичари и лошите менаџери и тие само очаен обид за дефокус на јавноста од реалните проблеми со кои се соочува градот. Политичкото ривалство треба да се води на цивилизиран начин, онака како што доликува на современи политичари, преку инвестиции, грижа за граѓаните и реализација на проекти. Најодговорно тврдиме дека во изминатиот период Општина Аеродром има повеќе реализирани проекти во споредба со сите проекти на Арсовска во цело Скопје“, се наведува во рељкцијата од Аеродром.
Оттаму нагласуваат дека грижата за здравјето и животот на граѓаните е нивен врвен приоритет, а постапувањето согласно законите единствен императив во работењето на Општина Аеродром.
Град Скопје утрово соопшти дека Инспекторатот за животна средина изрекол парична казна за општина Аеродром и за градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра во денарска противвредност поради исфрлање отпад на јавна површина со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните.