Артан Груби ја узурпира партијата и само се крие и се брани зад ликот на Али Ахмети. Тој заедно со другите министри треба да се појави пред граѓаните и да даде отчет и да покаже колку инвестиции направил во Кичево. Која е причината за неинвестирање во Чаир? Каде одат парите од буџетот – праша Муса Џафери, еден од предводниците на „огнените“ и претседател на надзорниот одбор на ДУИ, вчера на партсиски собир во Кичево.
Тој рече дека „огнената група“ само сака да го спаси лидерот на ДУИ Али Ахмети од Артан Груби. Џафери го обвини Груби дека преку пропаганда дезинформира за незадоволните и за целите на „огнената група“.
– Нема потреба Артан Груби да го штити Али Ахмети од Муса Џафери. Апелирам до него да не прави маркетиншки спинови. За ова апелирав и претходно. Да го спасиме Али Ахмети од оваа извршна власт, од Артан Груби. Се плашам дека тие што тврдат дека многу го сакаат, му го одземаат здивот. Зошто сега не го штитат Али Ахмети од Алијанса – праша Џафери.
Тој го повика Ахмети да размисли, да се сретнат и да понуди решенија за проблемите во партијата.
Потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити побара расправата да се врати во органите на партијата.
– Секогаш имаше дебата внатре во партијата, но на крајот знаевме да донесеме правилни одлуки за доброто на партијата. Немаме ништо лично против никого, никогаш не сме имале лоши намери. Да се подобриме пред народот да не подобри нас – рече Меџити.