Рома уште еднаш потфрли и значително ги намали шансите за пласман во Лигата на шампионите преку Серија А. Дури и со пенал на Јувентус, кој Жозе Мурињо го прокоментира на свој начин.
„Ова е шега. Имајќи предвид дека остануваат уште два натпревари. Нашиот пристап ќе беше поинаков против Монца и Болоња доколку претходно се знаеше дека ќе им бидат одземени бодови“, изјави Мурињо.
Португалецот на овој начин како да сакаше да бара алиби за низа киксови, иако се знаеше дека Јувентус сигурно ќе биде казнет и дека мерката за враќање на бодовите е само привремена поради жалбата. Јасно беше дека Мурињо претходно се преориентирал во Лига Европа, но и сега истакнува дека никогаш не потенцирал дека главната цел на Рома е да се пласира во елитното натпреварување.
„Никогаш не сте ме слушнале да го кажам тоа. Секогаш се трудев да бидам искрен. Тоа тешко може да се каже со инвестиција од седум милиони евра. За Рома, пласманот во Лигата на шампионите би било чудо“.