Mултиорганска трансплантација на органи е извршена вчера на скопските киники, со која органите на еден починат донор ќе овозможат да им се продолжи животот на четворица пациенти, информира Министерството за здравство.
Еден пациент доби срце, друг – црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе добијат и коскени ткива од истиот донот.
Министерот за здравство Илир Демири упати јавна благодарност до семејството на донорот, коешто одлучи да ги донира органите од нивниот близок и со тоа да спаси најмалку четири животи.
– По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого. Од вчера спасуваме најмалку четири животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас нè прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје – рече министерот Демири.
Од 2020 година досега во Македонија трансплантирани се вкупно 77 органи, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскено ткива.