Убиството на водачот на Хезболах, Хасан Насрала, што се случи вчера во израелските воздушни напади во предградие на Бејрут го стави во центарот на вниманието Хашем Сафиедин, човекот кој се смета за наследник на Насрала.
По смртта на Насрака, кој ја водеше Хезболах 32 години, милитантната организација е пред голем предизвик да избере нов лидер.
Како шеф на извршниот совет, Сафиедин ги надгледува политичките работи на Хезболах. Тој, исто така, е член на Советот за џихад, кој управува со воените операции на организацијата.
Сафиедин е братучед на Насрала и, исто како него, е свештеник со црн турбан на главата, што означува потекло од исламскиот пророк Мухамед.
Тој е роден во јужен Либан во 1964 година и е дел од Хезболах од неговото основање во 1982 година. Студирал во Ком, Иран, заедно со Насрала и е подготвеуван за лидерство од 1994 година.
Познат е по неговите жестоки говори и посветеноста на отпорот на Хезболах против Израел. За него се смета дека го дели тврдокорниот став на убиениот Насрала.
Сафиедин ја нагласи подготвеноста на групата да се бори против израелската „агресија“ и да ја поддржи Газа, повторувајќи дека мисијата на Хезболах е во тек сè додека Израел не ја прекине својата офанзива.
Американскиот Стејт департмент го прогласи за терорист во 2017 година. Во јуни тој се закани со голема ескалација против Израел по убиството на друг командант на Хезболах.
„Нека непријателот се подготви да плаче“, рече тој тогаш.
Јавните изјави на Сафиедин често ја одразуваат усогласеноста на Хезболах со палестинската кауза.
На неодамнешниот настан во Дахије, упориштето на Хезболах во јужните предградија на Бејрут, тој изјави: „Нашата историја, нашите пушки и нашите ракети се со вас“ во знак на солидарност со палестинските терористи.
Семејните врски на Сафиедин и физичката сличност со Насралах, како и неговиот религиозен статус одат во негова корист.
Тој е гласен критичар на американската политика. Како одговор на американскиот притисок врз Хезболах, тој во 2017 година изјави: „Оваа ментално попречена, луда американска администрација на чело со Доналд Трамп нема да може да му наштети на отпорот“.
Со блиските врски со Иран, вклучително и семејни врски со починатиот командант Касем Сулејмани, Сафиедин може дополнително да го зацврсти сојузот на Хезболах со Техеран.
Неговиот син Рида е оженет со Зејнеб Сулејмани, ќерката на Касем Сулејмани, командантот на иранските сили Кудс, кој беше убиен во 2020 година во американски воздушен напад во Ирак.