Може ли Македонија да се вклучи во регионалниот железнички проект?

Lorita
By Lorita 14 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Информацијата дека Србија и Унгарија, кои железнички се поврзуваат со брза пруга, ќе ги поканат и другите земји од регионот да се приклучат на оваа идеја, за да се овозможи брз железнички коридор, повторно ги подгреа надежите дека земјава ќе може да се приклучи на овој проект, иако искористеноста на капацитетот на железницата за превоз на стоки и патници кај нас е ниска, а проектот е многу скап.

Засега од владата не коментираат што ќе прават со брзата пруга од Коридорот 10, кој е актуелен во земјава од 2015 година, бидејќи нејзиниот фокус сега е изградбата на пругата кон Бугарија, но опозицијата тврди дека со вклучување на ЕУ во финансирањето на проектот може да се реализира.

Експертите сметаат дека е добро и земјава да се приклучи на проектот бидејќи и Европската Унија го преферира железничкиот транспорт и ги финансира сите проекти и тоа теба да се искористи.

Владата фокусирана на Коридор 8, опозицијата сака брза пруга

Од Министерството за транспорт и врски велат дека е во континуирана соработка со Министерството за сообраќај, инфраструктура и градежништво на Србија, како и со другите ресорни министерства од регионот за подигнување на капацитетите и модернизација на железничкиот систем во целиот регион, но моментално сите активности се насочени кон изградбата на железничкиот Коридор 8.

– Владата е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на нова пруга на исток, односно завршување на Источниот дел од Коридор 8. Исто така, со владина одлука Министерството за финансии е задолжено преку меѓународни финансиски институции да обезбеди финансиски средства за доизградба на западниот дел на Коридор 8. Генерално, вкупната вредност за завршување на целокупниот Коридор 8 е преку 1 милијарда евра. Овие проекти се дел од Националната транспортна стратегија 2018-2023 со кои Коридор 8, покрај вкрстувањето со Коридор 10, ќе го поврземе и на Коридор 4 и на другите европски транспортни рути – велат од Министерството за транспорт и врски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека проектот е остварлив и ќе обезбеди голем број придобивки. Прашањето за изградба на брза пруга и во земјава го поткрена потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски лани на средба во ЕУ.

– Мислам дека Скопје и Солун треба да се поврзат со брза железница и за еден ипол час се оди од Скопје до Солун, од едната до другата страна на географска Македонија, или од Скопје до Виена каде што ќе одиш за три часа, или од Виена до море ќе одиш за пет часа – рече тогаш Николоски.

Изградбата на оваа пруга, според Николоски, ќе ѝ биде од голема помош на Европа, главно стратегиски, бидејќи, како што рече, ова е првиот проект што Кина го претстави кога ја објави својата иницијатива „Појас и пат“.

- Advertisement -
Ad image

Николоски смета дека изградбата на железницата би имала многубројни придобивки, како намалување на загадувањето така и заштеда на пари со тоа што патувањето со авион би се заменило со патување со воз. Освен тоа, додава тој, би било од корист и за трговијата која би помогнала во зајакнување на целиот овој регион.

Проектот го иницира Кина во 2008 година кога влезе во сопственичката структура на грчкото пристаниште Пиреа. Македонската влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2015 година се согласи заедно да се подготви физибилити студија која ќе покаже како ќе се гради и колку ќе чини овој проект во земјава. Меѓутоа, од тогаш до денес нема никаква најава дека нешто од овој проект ќе се реализира. Во меѓувреме, со последните реконструкции од 2012 година е проектирана брзина на возовите од 120 километри на час, а брзите железници бараат истата да може безбедно да издржи возови кои ќе се движат со брзина помеѓу 160 и 200 километри. Во некои процени се зборува дури и за 300 км на час.

Експертите велат, проектот е добар но скап

- Advertisement -
Ad image

За експертите, меѓутоа, е важно колку еден ваков проект е остварлив и економски исплатлив со оглед дека железницата со години има слаба искористеност на капацитетите. Според податоците на Државниот завод за статистика лани се превезени 1.372.000 тони стока главно за меѓународниот пазар. На домашниот пазар железницата превезла само 4.000 тони стока. Во однос на превозот на патници бројката е 460.000 патници само во домашниот превоз бидејќи меѓународен не се реализира. Дополнително, земјава изминатите години премногу се задолжуваше, па и нови кредити за ваков голем проект би значеле и должничко ропство.

Професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет вели дека идејата за изградба на еден ваков железнички систем е добра, но за тоа се потребни големи финансиски средства кои земјава не може да ги обезбеди без да учествува во регионалниот проект кој е поддржан од Европската Унија. Тој смета дека овој проект нема да не одмине бидејќи веќе ЕУ се вклучи во негово финасирање.

– Европската Унија е заинтересирана за ваков транспортен систем и доколку земјава се вклучи во еден таков регионален проект би имала можност да користи пари од повеќето фондови за време на преговорите со ЕУ. Дел од тие пари се даваат како бесплатни. Железничкиот транспорт е префериран од ЕУ и апсолутно сите железнички проекти ќе добиваат пари од унијата. Сметам дека овој проект кој е од интерес на ЕУ нема да не одмине, но ние треба да реагираме со сите подготовки – вели професорот.

Но, додава тој, во земјава нема никаква активност поврзана со еден ваков значаен проект.

– Иако велите дека идејата датира од 2015 година, досега нема направено ништо. Нема физибилити студија која ќе покаже колку овој проект би бил економски исплатлив и ќе предложи повеќе опциите за негова изградба. Но, прво што треба да направиме е да воспоставиме технички стандарди за проектирање на брза пруга. Србија тоа го направи пред да почне да го реализира проектот – вели Кракутовски.

Според него, студијата треба да покаже дали ќе се користи сегашната траса на пругата од Коридорот 10 или ќе се гради целосно нова пруга која ќе одговара на стандардите за брза пруга.

– Сегашната траса е покрај Вардар што е неповолност, ако се сака да се доградува сегашната пруга која патем е и едноколосечна и не одговара на брзите пруги кои се двоколосечни. Проектирана е за брзина од 160 километри на час, а на брзите пруги возовите се движат со брзина и до 300 километри на час. Но, во градежништвото сè е можно па и оваа траса може да биде од корист, ако се одлучи да се користи сегашната траса – вели тој.

Професорот смета дека е подобро да се изгради целосно нова пруга која ќе одговара на стандардите за брзи пруги.

– По мое мислење, подобро е сегашната пруга да се користи за товарен сообраќај, а новата за превоз на патници, бидејќи со брзите пруги, поради скапото одржување, се пренесуваат само патници и високософистицирани товар, односно производи со додадена вредност или расиплива стока, која не може да се превезува подолг временски период и подлежи на високи стандарди на пакување. Товар, каков што се пренесува кај нас со железницата – руда, градежен материјал и слично, не може да се превезува по брза пруга – додава Кракутовски.

Во однос на финансиската вредност на еден ваков проект, професорот вели дека е многу скап.

– Сегашната цена на изградба на брза пруга е 15 – 20 милиони евра за километар, а кај тунелите достига и до 40 милиони евра за километар. Исплатливоста на брзите пруги е подобра во подрачја кои се многу населени и за поврзување на големо растојание. Овој превоз е многу поскап од тој што го имаме кај стандардниот железнички превоз. Билетите се скапи, па е потребно и големо организациско искуство економично да се организира. На пример, во европските градови за одредена категорија луѓе има попусти за билетите. Со овие пруги најчесто управуваат веќе добро етаблирани компании и најверојатно е дека и кај нас управувањето ќе се даде на ваква компанија, бидејќи нашето јавно претпријатие, во условите во кои работи, партизирано и целосно пропаднато, нема да може да ја реализира оваа задача. Ние доцниме и со либерализацијата на пазарот, па и тоа ќе треба да го направиме до почетокот на изградбата на еден ваков проект – вели професорот Кракутовски.

Земјава, според него, може да има само корист од еден ваков проект.

– Од овој проект ќе има придобивки. Железницата ги поврзува луѓето и државите и ги тера да соработуваат и со други железници. Ќе се отвори можност за поголема мобилност на работната сила, развој на туризмот, а земјава ќе има корист и тоа што побрзо ќе се интегрира во Европската Унија, бидејќи за ваквите пруги граничните премини предизвикуваат застои – вели Кракутовски.

Бизнисмените очекуваат транспортна инфраструктура

Бизнисмените сметаат дека изградбата на овој транспортен коридор е во прилог на подобрување на транспортот и, заедно со изградбата на железницата од Коридорот 8, ќе значи можност за избор на повеќе и поевтини опции.

– Секако дека инвестициите во инфраструктура се важни за развојните економии, особено кога се има предвид дека нашата земја веќе е позната по лошата инфраструктура, било патна или железничка. Тоа што треба да сфатиме е дека без соодветна инфраструктура нашата економија секогаш ќе биде слаба во смисла на конкурентноста, бидејќи поради недостиг на инфраструктура, имаме слаба и бавна економска активност. Од друга страна, ги гледаме земјите од регионот, но и пошироко, инвестираат редовно во инфраструктура, што значи дека имаат јасни цели и јасна стратегија за тоа како да се одржи позитивната крива на економски раст и развој. Сметаме дека нашите проекти треба да бидат во согласност со евро-интеграциските политики, но истовремено треба да се има предвид капацитетот на нашата земја, кога станува збор за проекти кои се финансирани од државниот буџет, бидејќи праксата покажува дека имаме слаба реализација на капиталните проекти, особено на тие инфраструктурни. Затоа, сметаме дека треба да се фокусираме во проекти коишто се поддржани од страна на ЕУ, и секако дека овој железнички коридор би бил позитивен за нашата економија, но истовремено треба да го зголемиме извозот со земјите од регионот и пошироко, со цел факторизација на нашата земја, а не да учествуваме во вакви проекти само како географска транзит-зона – велат од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Србија и Унгарија за брзата пруга добиваат пари и од Кина и од ЕУ

Србија и Унгарија ја градат брзата пругата меѓу Белград и Будимпешта со кинески кредити и таа е дел од кинеската глобална иницијатива „Појас и пат“ за инфраструктурни врски меѓу Европа и Азија. Проектот за модернизација на железницата е започнат е во 2016 година на самитот на 16 земји од Централна и Источна Европа и Кина.

Европската Унија веќе се вклучи во реализација на проектот со одобрување на финансиски пакет од 2,2 милијарди евра за делот на пругата од Белград до Ниш од кои ЕИБ доделува кредит од 1,1 милијарда евра, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) 550 милиони евра, додека донацијата од ЕУ е 598 милиони евра, (сега се одобрени 265 милиони).

Брзата пруга Белград – Ниш се очекува да биде завршена во 2029 година и треба да овозможи превоз на 2,3 милиони патници годишно.

Share This Article