Една нова студија објавена на 4 мај 2023 година во Journal of Food Composition and Analysis покажа дека некои популарни овошни сокови и млечни производи од растително потекло може да содржат потенцијално штетни нивоа на токсични метали.
Студијата анализирала 60 примероци на популарни брендови и открила дека повеќе од половина содржеле нивоа на арсен, кадмиум и олово кои ги надминуваат законските граници. Овие метали можат да се акумулираат во телото со текот на времето и се поврзани со разни здравствени проблеми, известува eatingwell.
Истражувачите од Универзитетот Тулејн во Њу Орлеанс, Луизијана измерија концентрации на 25 токсични метали и елементи во трагови во 60 популарни пијалоци кои најчесто се наоѓаат во продавниците за храна, вклучувајќи мешани овошни сокови, млечни производи од растително потекло, меки и газирани пијалоци и чаеви.
Тие откриле дека седум од 25-те анализирани елементи (арсен, кадмиум, манган, никел, селен и стронциум) ги надминуваат дозволените граници поставени од Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА).
Она што е особено загрижувачко е дека олово е откриено во 93% од примероците, иако се работи за ниско ниво на олово. Што се однесува до изворот на контаминација, истражувачите забележаа дека тешките метали најверојатно влегуваат во производите преку контаминирана почва или вода што се користат за време на процесот на одгледување или производство.
Овие метали можат да бидат опасни по здравјето
Изложеноста на високи нивоа на тешки метали може да има сериозни здравствени последици, особено за малите деца и бремените жени. На пример, оловото и арсенот може да предизвикаат когнитивни и развојни проблеми кај децата, а кадмиумот е поврзан со оштетување на бубрезите и ослабени коски, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Главниот автор на студијата, Теводрос Годебо, наведува дека на децата и на доенчињата не треба да им се даваат големи количини мешани овошни сокови или млеко од растително потекло. „Арсенот, оловото и кадмиумот се познати канцерогени и докажано е дека предизвикуваат оштетување на внатрешните органи и когнитивно оштетување кај децата, особено за време на раниот развој на мозокот.