Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило четири украински ракети истрелани кон Белгород, кој граничи со Украина и дека во нов напад ги уништил сите предвидени цели во Киев и Харков на истокот на Украина.
Воздушната одбрана денеска околу пладне спречи украински напад со балистички ракети „Ољха“, соопшти руското Министерство.
„Четири ракети се уништени над регионот Белгород“, соопшти Министерството.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека во нов голем напад ги уништи сите цели планирани за денеска во Киев и неговите предградија, како и во Харков на истокот на Украина.
Министерството увери дека армијата таргетирала само легитимни цели како што се украинските компании за производство на ракети, беспилотни летала и поправка на оружје и воена опрема, како и складишта на ракети, муниција и воздушно оружје, кои му биле доставени на Киев од западните земји. .
Уништени се сите инсталации“, соопшти Министерството.
Украинските власти утринава соопштија дека руската армија извршила силни напади врз Украина, во кои загинаа најмалку четворица цивили, а повеќе од 90 се повредени, главно во главниот град Киев и Харков. Украинската армија соопшти дека Русија истрелала 99 проектили од различен тип кон Украина, од кои 72 биле соборени.
Русија: Едно лице загина, петмина се ранети во украински напади
Најмалку едно лице загина, а пет се ранети во денешните украински напади врз руската област Белгород, соопшти гувернерот на тој регион.
Украинските напади следеа по рускиот напад со стотина ракети врз Украина.
Едно лице загина од урнатини кога проектил експлодирал во близина на неговиот автомобил, напиша преку Телеграма Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород, руски регион кој граничи со Украина.
Во два други инциденти се ранети пет лица, додаде тој.