Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги отфрли тврдењата дека Киев стои зад убиството на Дарја Дугина, ќерката на рускиот идеолог Александар Дугин.
– Украина, се разбира, нема никаква врска со вчерашната експлозија, бидејќи ние не сме криминална држава, како Руската Федерација, а уште помалку терористичка држава – изјави за новинарите советникот во претседателскиот кабинет Михаил Подољак.
Според него, Русите креваат тензија за да постигнат јавна мобилизација, а не прикриена.
Подољак вели и дека во Русија сега има различни политички групи кои се борат меѓу себе за да го прераспределат внатрешниот идеолошки простор во земјата.
Автомобилот на ќерката на Дугин, кого го нарекуваат идеолог на Кремљ и на „рускиот свет“ и војната во Украина, експлодирал на автопатот во близина на Москва, а Дарја Дугина починала на самото место, соопштија руските истражни органи.
Според очевидци, во автомобилот требало да биде и самиот Дугин, но во последен момент се префрлил на друго возило. Дел од медиумите оценуваат дека вистинската цел на нападот бил тој.
Истражниот комитет на Русија пак соопшти дека убиството на Дугина било планирано и нарачано.
Утврдено е дека експлозивната направа била поставена под автомобилот, под возачкото седиште.
„На самото место починала Дарја Дугина, која била зад воланот“, се додава во соопштението на Комитетот.
Во моментов, истражителите, со учество на експерти од Главната управа за судска медицина на Рускиот истражен комитет, ја продолжуваат истрагата.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, коментирајќи го настанот, рече дека ги чека резултатите од истрагата.
„Доколку се потврди украинската трага – а оваа верзија ја изнесе лидерот на ДНР Денис Пушилин, и мора да се провери од надлежните органи – тогаш треба да зборуваме за политика на државен тероризам што ја спроведува режимот во Киев“, напиша Захарова на нејзиниот канал на Телеграм.
Таа посочи дека во последните години се акумулирани многу факти кои зборуваат во прилог на тоа – од политички повици за насилство до учество на украинските државни структури во злосторства.
Дарја Дугина е родена во 1992 година, дипломирала на Филозофскиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и работела во Меѓународното евроазиско движење, предводено од нејзиниот татко.
Александар Дугин е истакнат ултранационалистички идеолог за кој се верува дека е близок со рускиот претседател Владимир Путин.
Иако нема официјална позиција во руската влада, се верува дека Дугин е близок сојузник на Путин, па дури и го нарекуваат „Распутин на Путин“. Неговата ќерка Дарја Дугина беше новинарка која се залагаше за руската инвазија на Украина.
Претходно годинава, таа беше ставена на списокот на санкционирани лица од страна на американските и британските власти, кои ја обвинија 30-годишната девојка дека придонесува за онлајн „дезинформации“ за руската инвазија. Во мај, таа ја опиша војната како „судир на цивилизации“ и изрази гордост што и таа и нејзиниот татко беа санкционирани од Западот.
Во 2015 година, САД го санкционираа Александар Дугин за неговата наводна вмешаност во руската анексија на Крим. Неговите дела се заслужни за длабоко влијание врз светогледот на Владимир Путин и тој се смета за главен интелектуален архитект на ултранационалистичката идеологија на која многумина во Кремљ се придружуваат. Дугин со години ја повикуваше Москва да се наметне поагресивно на глобалната сцена и ја поддржуваше руската воена инвазија во Украина.